Лилјана Поповска сепак останува на пратеничките листи

Лилјана Поповска сепак останува на кандидатските листи на СДСМ и коалицијата за кандидат за пратеник. Според соопштението на партискиот сајт на ДОМ, Централниот одбор ја поддржал и Лилјана Поповска да биде кандидат за пратеник, но сега е направен маневар и од ИЕ 2 со добитно место , таа сега се наоѓа во ИЕ 1, но не е прецизирано на кое место.

Ова изненадува, со оглед на реакциите во јавноста за нејзиното именување на изборните листи, по што таа одржа прес конференција на која рече дека се повлекува од добитната комбинација, што практично претставува своевидна политичка игра и манипулација.

СДСМ уште не ги објави комплетните листи , од кои ќе може да се види на која позиција е Поповска во ИЕ 2.

Еве го целосното соопштение на ДОМ:

На Централниот одбор на ДОМ одржан на 09.11.2016, беа избрани кандидатите за пратеници на парламентарните избори 2016. Тоа се д-р Маја Морачанин на добитното четврто место во И.Е.2, Лилјана Поповска во И.Е.1 и Валентин Тасевски од Тетово во И.Е.6.

Централниот одбор ја донесе и одлуката за коалиционен настап на ДОМ во рамките на опозиционата лево-центристичка коалиција предводена од СДСМ. Тоа е логична завршница на речиси двегодишната заедничка борба со прогресивните сили во земјата за демократизација и позитивни промени. И покрај нашите заложби за самостоен настап, оценивме дека во моментов е неопходно групирање на силите, за да се постигнат промени во насока на функционална и демократска правна држава.

За ДОМ е исто така значајна обврската што ја презеде коалициониот партнер дека ќе обезбеди промена на изборниот модел во една изборна единица со отворени листи, како и реализација на редица приоритети од зелената програма на ДОМ. Акцентот е на заштита на животната средина; пакет закони во урбанизмот; зелена економија и зелени работни места; еднакви можности и недискриминација; и децентрализација и рамномерен регионален развој.