Лозарите се подготвуваат за протест пред судот во Велес

По веста дека по барање на Царинската управа денеска ќе се одржи рочиште на кое треба да се отвори стечај за „Повардарие“, лозарите почнаа масовно да се организираат за протести пред Основниот суд во Велес каде што  треба да се решева судбината на оваа винарска визба.

Лозарите стравуваат дека ќе биде запечатена и нивната судбина, бидејќи може да биде доведена во прашање понатамошната исплата на грозјето. Велат дека од ден на ден опаѓа нивната куповна моќ, а бројот на сиромашни лозари се повеќе се зголемува .

„Во никој случај не смее да се дозволи ова. Што со нашите пари. Зошто ако веќе размислувале така тоа не го сторија пред да започне откупот и зошто бевме приморани грозјето да го даваме токму таму“, прашуваат револтираните производители на грозје.

Според нив,ваквата состојба е крајно алармантна и не знаат како ќе бидат тие обештетени доколку судот одлучи да го прифати барањето на Царинската управа на Македонија.

-„Чија е играта и кој игра нечесно.Зошто сево ова излезе после избори,од кого сега да бараме пари? Дали некој намерно сака да ја уништи визбата и како и многу други претпријатија да се најде нов газда по нечиј терк? Мисли ли некој за нас во државата, доста ни е веќе од полни усти фалби за земјоделството, каде се сега да видиме што имаат да кажат,вака ли се земјоделска влада?“, прашуваат лозарите.

-„Само се кажуваат убави работи,субвенции,поволности за земјоделците,но колку ние тоа го чувствуваме.Оставете ја политиката,тие за тоа се платени во Собранието. Повардарие нека си го решава проблемот,ние го бараме само тоа што чесно сме го заработиле.Сакаме и ние да живееме како луѓе, да имаме некој денар за Нова Година“,вели лозар од Неготино.

Од извори во Повардарие дознаваме дека имаат аргументи со кои ќе се обидат на утрешното рочиште да го спречат овој дрзок чин врз винаријата и најавуваат дека со сите сили ќе се борат да не дојде до стечај, а ова е ситуација и своевиден притисок што се провлекува веќе неколку години. Ваква ситуација Повардарие имаше точно пред четири години кога , поради долг кон државата, визбата ја посетија службеници на Царинската Управа, а сопственикот на винарската визба, српската фирма Вино Жупа,тогаш најави дека размислува да ја затвори винаријата во знак на револт заради непочитување на судските одлуки во земјата, бидејќи винаријата имала решение од Управен суд ,со кое се одложило извршувањето се додека целосно не заврши судскиот спор меѓу ,,Повардарие,, и државата.

Развојот на лозарството и винарството во Тиквешијата последниве педесет години се базираше на подигнување нови лозови насади, претежно од земјоделци кои перманентно одржуваат над 10.000 ха под вински и околу 2.500 ха трпезни сорти на грозје. Во Македонија просечните приноси на грозје, според статистичките податоци се движат околу 250 илјади тони годишно. Својот максимум производството на грозје кај нас го достигна во осумдесетите години од минатиот век кога под лозови насади беа засадени околу 40 000 хектари или 70 отсто од евидентираните површини погодни за одгледување на оваа земјоделска гранка.

Билјана.Н.Тошевски