Локални избори во Босна и Херцеговина

Во Босна и Херцеговина денеска се одржуваат локални избори.

Граѓаните на Босна и Херцеговина ќе бираат градоначалници, началници на општини и одборници за локалните собранија и совети.

Се избираат раководства во 141 локална заедница, како и во дистриктот Брчко, додека и оваа година во Мостар нема да има избори.

Се бираат 10 градоначалници и 131 началник на општини. Од тоа, 4 градоначалници во Федерација Босна и Херцеговина и 6 во Република Српска.

Освен ова, гласачите избираат вкупно 1 136 одборници за 74 општински совети во Федерацијата и 57 собранија на општини во РС.

Се натпреваруваат дури 30.455 кандидати.

Право на глас во Федерацијата Б и Х и во Република Српска имаат 3.263.906 гласачи.

Изборите во Мостар нема да се одржат заради повеќегодишниот проблем меѓу бошњачките и хрватските политички партии, кои не може да се договорат за усвојување нов градски Статут кој би бил во согласност со Уставот.

Изборите ќе ги следат 70.000 набљудувачи, од кои 300 странски. Претседтаелот на Централната изборна комисија Ахмед Шантиќ оцени дека предизборната кампања главно била мирна.

Бирачките места се затвораат во 19 часот.