Македонија дел од меѓународна акција за борба против нелегално оружје

Операција предводена од ИНТЕРПОЛ за борба против нелегална трговија со огнено оружје во Европа резултираше со 149 апсења и заплена на огнено оружје, муниција и експлозиви.

Операцијата Trigger II опфати повеќе од 7840 полициски службеници што соработуваа во 23 земји во текот на 48-часовен период (6-8 април) за пресретнување на нелегално огнено оружје, како и за идентификување на потенцијални врски со друга криминална активност, вклучувајќи и тероризам, низ регионот и пошироко.

Запленети беа 320 парчиња огнено оружје – вклучувајќи и лансирна рампа и митралез – и речиси 20 000 парчиња муниција, заедно со гранати и експлозиви.

За време операцијата беа изведени повеќе од 10 милиони проверки во глобалните бази на податоци на ИНТЕРПОЛ, меѓу другото и на лица со потерници, на украдени и изгубени патни исправи, како и украдени моторни возила.

Во 47-те апсења за прекршоци во врска со огнено оружје, хрватските органи запленија пиштол наводно употребен во убиство, додека швајцарската полиција уапси патник во воз, кој поседувал пиштол. Во Украина беше пресретнато лице за кое постои сомнеж дека припаѓа на евроазиска организирана криминална група која е мета на проектот Millenium на ИНТЕРПОЛ.

„Знаеме дека нелегалното огнено оружје е поврзано со различни типови криминал, каде спаѓа и тероризмот кој повторливо го напаѓаше срцето на Европа и други региони. Операциите како Trigger II ни обезбедуваат витална можност за употреба на собраните информации, со цел да можеме да ја сфатиме пошироката слика и поврзаноста на кривичните случаи во различни земји“, рече Генералниот секретар на ИНТЕРПОЛ, Јирген Шток.

„Бројот и асортиманот на оружје што ги запленивме само за 48 часа нè потсетува на потребната постојана будност кај полицијата со цел да се спречат потенцијално смртоносните напади“.

Оваа операција ја покажува важноста од усогласеното дејство на агенциите за спроведување на законот преку глобалната мрежа на ИНТЕРПОЛ за справување со нелегалното огнено оружје и другите закани за чување на безбедноста на нашите граѓани, додаде шефот на ИНТЕРПОЛ.

За време операцијата, полицијата во Скопје уапси лице за кое постоело црвена меѓународна потерница, издадена од турските органи за борба против дрога.

„Им пративме јасна порака на криминалците за тоа што може да се постигне кога полициските сили ги планираат и координираат своите оперативни заложби во различни земји, со употреба и на ИНТЕРПОЛ и на националните алатки“, рече Бранислав Павловиќ, шеф на Националното централно биро на ИНТЕРПОЛ во Сараево.

Повеќе од 40 200 возила беа проверени за време операцијата на граничните премини, транзитните рути и познатите жаришта, при што полицијата заплени исто така и 350 kg афион и 85 kg марихуана.

„Секое запленето огнено оружје е потенцијално дел од поголема шема на трговија со огнено оружје. Операциите како Trigger II им помагаат на нашите земји членки да ги споделуваат најдобрите практики за да им помогнат на инспекторите да ги таргетираат криумчарите и да спречат оружјето да дојде на улиците“, рече Џон Хагеман, програмски координатор за огнено оружје на ИНТЕРПОЛ.

Земјите учеснички распоредија службеници во оперативните центри во Минск, Прага и Скопје, при што во седиштето на Генералниот секретаријат на ИНТЕРПОЛ во Лион беше сместена координативната централа на операцијата.

Деталите од запленетото огнено оружје беа внесени во системот iARMS (систем на ИНТЕРПОЛ за управување со архиви за огнено оружје и негово наоѓање) што ја олеснува размената на информации и соработката при истраги меѓу агенциите за спроведување на законот за меѓународното движење на нелегалното огнено оружје, како и за законско огнено оружје вклучено во криминал-информира МВР.