Македонија ќе врати неискористени 150 милиони евра од ИПА фондовите

Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бујар Османи и Министерот за финансии Драган Тевдовски денес одржаа прес конференција во просториите на Владата на Република Македонија, посветена на статусот на реализацијата на ИПА.

Во своето обраќање, Вицепремиерот Османи како Национален ИПА координатор презентираше дел од наодите од извештајот за пресекот на досегашните состојби за искористеноста на ИПА средствата. Османи истакна дека во текот на досегашната реализација на средства од ИПА 1 (2007-2013) од 614 милиони евра кои биле ставена на располагање, склучени се договори за искористување на 437 милиони евра или преку 70%, и благодарение на на овие средства, денес во Македонија имаме реализирано бројни проекти. „Но, оваа информација може и треба да се анализира и критички, а тоа е, дека, преку 150 милиони евра, или околу 25% од средствата, кои биле ставени на располагање на Република Македонија, не се искористени, и истите ќе ги вратиме на Европската унија. Токму во оваа, критичка смисла, забелешките во овој извештај, ќе претставуваат главната основа на којашто ќе се изгради нов Мастер план за реформа на ИПА структурата“ изјави Османи

Тој додаде дека целта на Планот ќе биде подобрување на апсорпцијата на средствата од ИПА, во кој ќе бидат содржани краткорочни, среднорочни и долгорочни мерки за активности. Во краткорочните, итни проекти, Османи ги посочи проектите како граничниот премин Белановце Станчиќ, но и пречистителната станица од Прилеп, железничката пруга Битола – Кременица и други. „За овие ризични проекти, во износ од околу 30 милиони евра, имаме краток период за реализација до декември оваа година. Со краткорочните итни мерки и активности, се обидуваме да спасиме што е можно повеќе од овие средствата, кои, доколку не успееме да ги реализираме до крајот на годината, ќе останат нереализирани, т.е. ќе се вратат назад во буџетот на ЕУ. “ – изјави Османи.

Османи ги претстави состојбите со програмирањето на средствата од ИПА 2, каде на располагање на Република Македонија се ставени 644 милиони евра, од кои 445 се веќе испрограмирани, а како што истакна Вицепремиерот, во моментов се работи на програмирање на уште 172 милиони евра. „Сепак, и при ИПА 2, над 40 милиони евра, веќе се изгубени и во фазата на самото програмирање, а останува ризикот и нецелосна реализација и на она што е веќе испрограмирано“ истакна Османи.

Сите овие забелешки најави Османи, ќе бидат дел од Планот на мерки и активности, а кои ќе бидат насочени кон унапредување на апсорпцијата и искористеност на средствата од ИПА. „Имплементацијата на овие реформи, на крајот треба да резултираат со поквалитетна и поефикасна ИПА структура, поефикасна администрација, подлабока апсорпција на ИПА средствата и приближување на нашите стандарди со оние на Европската Унија.“ истакна Османи.