Нова енергија во односите меѓу Македонија и ЕУ. Средба со високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседателка на ЕК, Федерика Могерини, во Брисел-напиша на својот ФБ профил Претседателот на Влада на РМ , Зоран Заев.

  

Претседателот на Владата, Заев, на средбата со високата претставничка на ЕУ, Могерини, нагласи дека првата официјална дипломатска посета што се реализира во Брисел, заедно со министрите задолжени за реализација на надворешно – политичките приоритети на Македонија, ја покажува одлучноста на Владата на Република Македонија за забрзување на евроинтегративниот процес.

„Во интерес на граѓаните на Македонија е иницијативата за нова динамика во евроинтегративниот процес. Нашата цел е до есен да обезбедиме доволен прогрес во клучните реформски области, со што ќе дадеме доволно аргументи на Европската комисија да презентира нов извештај пред земјите членки, со обновена препорака за отпочнување на преговорите за членство на Македонија во ЕУ“ рече премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев, на средбата соопшти дека добрососедските односи и регионалната соработка, засновани на меѓусебно почитување, се силна определба на Владата. На средбата беше нагласено како важно отворањето на поглавјата 23 и 24 од претпристапните преоговори.

Високата претставничка за заедничка надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Могерини, изрази цврста поддршка на реформските напори на новата Влада и најави дека Македонија има силен сојузник во ЕУ при спроведувањето на реформите. Пораката од високата претставничка од ЕУ, Могерини е дека ако реформите бидат спроведени, Европската унија е подготвена да возврати.