Со мало доцнење поради исполнување техничко-правни процедури за новиот објект, Македонската филхармoнија на 25 октомври ќе ја почне сезоната 2017/2018 со концерт со симболичен наслов „Нов почеток“. Како солист ќе настапи пијанистот Дино Имери,  а ооркестарот ќе го води Борјан Цанев, а на програмата ќе бидат дела од Чајковски (Концерт за пијано и оркестар бр.1), Респиги (Римски фонтани) и Рихард Штраус (Ѓаволштините на Тил Ојленшпигел оп. 28).

В.д. директорот на Филхармонијата, Виктор Илиески, на вчерашната прес-конференција рече дека од назначувањето на функцијата во јули се соочил со многу предизвици од кои најважен му бил да ги обезбеди техничко-правните процедури кои, рече, се во завршна фаза и ќе бидат исполнети до 25 октомври. Објектот на Филхармонијата беше отворен со концерт на 21 мај но без технички прием.

Поради доцнењето со отворањето, испуштени се некои планирани гостувања, како она на познатиот виолинист Роман Симовиц.

Илиески информираше дека за краток период успеале и да обезбедат  приклучок за парно греење со што е избегнато  враќање на оркестарот на старата локација, во Домот на АРМ. Обезбеден е и пристап, функционални лифтови и места за седење во големата сала за лица со хендикеп.

– Чест ми е што ја водам оваа институција значајна за државата и за Скопје, еден репрезентативен оркестар кој конечно, по 74 години, го доби своето заслужено место во овој прекрасен храм на музиката, во дом во кој ги имаме сите услови за работа и за креирање музика и интерпретација на најдобрите и најспецифичните дела од железниот репертоар. Установата ги има сите можности за оркестарот и услови за администрацијата, рече Илиески.

Филхармонијата има и студио опремено со врвна техника за аудио записи, ново лого со ликот на новиот објект и редизјанирана веб-страница. Воведува нов начин на презентација на концертната програма – рекламирање на концертите со спотови, со цел да се приближат до сите граѓани. Покрај поддршката од Министерството за култура, Филхармонијата ќе почне и партнерство со големи фирми и брендови за да овозможи носење на големи и звучни стрнаски солисти и диригенти. Во стратегијата на куќата е и сите заборавени македонски музичари да имаат можност да настапат на нејзината сцена.

Диригентот Борјан Цанев и виолинистката Ана Кондратенко искажаа задоволство што почнуваат да работат во концертна сала со услови какви што имаат нивните колеги низ светот.

– Во превод значи имаме стадион, сега ни се потребни фудбалери да даваат голови. Се подоготвуваме многу интензивно, имаме одличен тим. Треба време да се прилагодиме на тоа што е ново, но на новото човек секогаш поубаво се прилагодува, рече Цанев, кој идната среда ќе го води првиот концерт во новата сезона.

Концерт-мајсторот на Македонската филхармонија, виолинистката Ана Кондратенко, рече: „Кај мене во родната земја Русија, Концертот за клавир и оркестар бр. 1 од Чајковски се свири на свадби, бидејќи е мошне популарен. Па, тоа е една метафора дека ние музичарите ќе се венчаме со новиот објект кој прекрасно звучи. Задоволство ни е да свириме, но и да вежбаме. Со љубов ја чекаме новата сезона.”

Македонската филхармонија има нов дизајн на печатениот материјал, нова веб страница www.filharmonija.mk и нов имиџ. За тоа се погрижија агенцијата „Имика“, продукцијата „Мунлајт“ и фотографката Маја Аргакијева.

Исто така, Македонската филхармонија веќе оствари соработка со компаниите „Пакомак” и „Нула Отпад”, како што рече Илиески, да се подигнување на еко-свеста кај граѓаните. Тој потенцираше дека обезбеден и пристап до концертната сала и за сите хендикепирани лица.