Македонските граѓани не се големи љубители на виното

Вино во Македонија има, но македонските граѓани, генерално, не се големи љубители на овој пијалок. Според официјалните статистички податоци,  во просек годишно се пијат 2,2 литри вино и 0,9 литри ракија. За разлика од нас, Словенците пијат по 50 литри вино по глава на жител на годишно ниво, додека пак кај Французите овој просек е дури 70 литри по глава на жител.
Но, од друга страна пак , Македонија може да се смета за земја на виното, според производството и квалитетот. Добрите познавачи на оваа земјоделско-производствена гранка, велат дека ние  сме земја во која се произведува вино со одличен квалитет и кое претежно завршува на   пазарите во странство. Сегашниот концепт на производителите на вино е  поголем извоз и  подобар квалитет, а тоа повлекува скоро 90 % од домашното производство годишно да оди за извоз. Во моментот во нашата земја функционираат 77 винарии чие годишно производство е 78 милиони литри наливно вино и 28 милиони литри флаширано вино, со најголем пласман на рускиот,американскиот и кинескиот пазар.
Во анкета на Ако.мк, за тоа колку нашите граѓани пијат  и какво вино преферираат, тие се со поделени мислења. Се пие и црвено и бело во еднакви количини,зависно од ситуацијата и временските прилики.
– „ Пијам вино,од црно,црвено, розе па и бело. Зависи секако од тоа што јадам, не пијам да се опијанам, туку исклучиво само една чашка. Моите прават домашно вино, така што традиција ни е со секој ручек да си пиеме вино особено во зима“,вели Анета Јованова од Кавадарци.
-„Ма секакво. Знам да уживам во секакво вино, во секое време од годината“,вели Марјан од Росоман.
-„Пијам секакви, но омилено ми е црвеното вино. Ги сакам вината што се малку посуви и ароматични. Од оние подостапните омилено ми е Т’га за југ. Не пијам некои грди остатоци од дестилати што се пакуваат во пластични шишиња, подобро вода ќе си пијам цела вечер отколку да ме убијат киселини и некое гадно чувство во грло“,вели друга наша соговорничка од Тиквешијата.
Според поголем број од анкетираните,виното не треба да се меша туку да се пие чисто,зашто така се губи и квалитетот и  вкусот .
-„Љубител сум на белите вина, а фаворит на сите времиња ми се шардоне, траминец и ризлинг. Едноставно уживам во добро вино и во никој случај не го мешам со ништо, затоа што тотално ми се расипува вкусот“, раскажува друг.
– „Без разлика на временски период мразам да ги мешам и многу се изненадив кога еднаш надвор од Македонија ме прашаа дали сакам мраз и/или лимон во чашата вино,што навистина непријатно ме изненади“,објаснува Весна Ристова од Кавадарци.
За тоа кои се најголеми љубители на вино во светот,на крајот на минатата година мапата на Movehub откри дека на прво место се наоѓа Андора, додека нашата земја се наоѓа на седмото место во оваа категорија. Додека пак според истражувањето на СЗО, кое се однесува на светското консумирање алкохол и влијанието врз здравјето на светската популација, Македонија спаѓа во групата земји во кои има средно напреден степен за пиење алкохолни пијалаци. Во нашата земја граѓаните најмногу и’ се наклонети на ракијата и на пивото, што е веројатно последица на материјалната состојба на населението, а свое влијание имаат и едукацијата, културата, и традицијата.
Состојбите во винската индустрија постојано се менуваат, но секогаш предничи доброто произведено вино кое кај нас е дел од една долга традиција,култура и историја која потекнува од многу векови назад . Посебно значење на производството на вино се дава во последниве петнаесетина години кога државата конечно сфати дека за развој,напредок и промоција на една земја добар промотор е виното,неговиот развој и бизнисот со него, во кој, во последно време се вложуваат големи средства.
Билјана Н.Тошевски