Македонците не се лојални бугари

Иако голем број македонци поседуваат бугарска патна исправа, многу е мал бројот на оние што гласале во првиот круг од претседателските избори во Бугарија.

Над 100 илјади македонски државјани имаат бугарски пасош. До оваа бројка се доаѓа според досега објавените официјални податоци. Еуростат пред две години објави податок дека до 2014 година 51.000 македонци поседуваат бугарски пасоши. Минатата година во мај, бугарскиот премиер Бојко Борисов изјави дека Бугарија ќе се грижи за 90 илјади новобугарски граѓани од Македонија, ако за тоа има потреба.

Неодамна заменик министерката за правда на Бугарија Вергинија Мичева Русева, ја алармираше тамошната јавност дека нивните служби не можат да го издржат напливот на баратели пасоши од Македонија.

„ За 2016 година, до овој момент, сме добиле повеќе од 15 000 молби, а во текот на 2015 година – 14 000.Се преземаат мерки да ја упростиме процедурата за апликација за бугарско државјанство. Проблемите се во неколку насоки, а една од основните се бројните барања по кои постапуваат во Дирекцијата за бугарско граѓанство, а чии капацитети веќе не одговараат на потребите на странските граѓани. Затоа е и потребно и нивно зајакнување“, рече таа.

bugm

Според Мичева Русева,многу често пред зградата на Министрството може да се забележат долги редици, кои чекаат пред шалтерите за да влезат и да ги предадат документите.

-„Сега се прашувам како да се справиме со овој проблем, а луѓето добро да бидат услужени. Ни претстои да воведеме и пост терминали за плаќање на такса директно во министерството за да не шетаат луѓето по банки“, коментира Русева.
Русева посочува дека тие преку Државната агенција за бугарите во странство, проверуваат, особено за македонските граѓани, дали имаат бугарско потекло.Тоа таму го прават врз основа на местото на раѓање од каде доаѓа барателот на државјанство, како и неговите блиски роднини.

Но, всушност тоа во реалност воопшто не е точно. Македонците изјавуваат дека се бугари и се пријавуваат во пограничните места како жители. Најмногу ги има во Ќустендил и Благоевград. Во првиот круг од претседателските избори, од 50 000 гласачи во Ќустендил, дури 9.000 со право на глас биле од Македонија. Има некои села каде има по 4000 пријавени македонци како жители, а во некои куќи со нивна адреса на живеење се пријавени по педесетина луѓе.

 

bug3

 

Градоначалниците на овие општини демантираат дека голем број македонци дошле да гласаат, напротив, велат тие многу малку од нив гласаат, затоа што иако гласањето од пролетта е задолжително, тоа всушност им оди на рака на македонците. Ако не се појават на еден изборен циклус, тие автоматски се бришат од избирачкиот список.

Во Крива Паланка, каде исто така се претпоставува дека има голем број иматели на бугарски пасоши, не отишол никој да гласа во Бугарија.

Процедурата за вадење бугарски пасош сега е потешка отколку изминатите години. Покрај тоа што секој кандидат на почетокот треба да изјави дека е со бугарска национална свест и дека некој од неговите има потекло од оваа земја, тој сега треба да чека 15 месеци, а постапката чини околу 400 евра.

За бројни македонци бугарската патна исправа е единствен спас од сегашната состојба кај нас, а со негово поседување имаат можност да најдат работа во некои од западно-европските земји без да им биде ограничен престојот,каде само за еден месец тие заработуваат по неколку месечни плати во Македонија .

Од идната година стапува во сила одлуката на канадските власти за укинување на визите за бугарски државјани.

Билјана Н.Тошевски