Фото:  (На фотографијата е Раде Трајковски кого многумина го сметаат за нарачател на убиството на Јанушев)

Управата за извршување санкции потврди дека од петок, денот кога е пуштен на слободен викенд, 25 годишниот  Филип Секуловски не е вратен на издржување  казна затвор во Шуто Оризари.

„Тоа лице не е вратено во КПУ- затвор Скопје, распишана е и потерница“, потврдуваат од Управата за санкции.

Секуловски е осуден на 6 годишна казна затвор за трговија и поседување дрога.

Филип Секуловски се поврзува со убиството на младиот Мартин Јанушев, а неофицијално тој се посочува дури и како извршител на нарачано убиство. Блиски другари на Мартин кажуваат дека двајцата добро се познавале, а  некогаш дури биле и другари.

На социјалните мрежи се појави статус на извесен Атанас Секуловски, кој се претставува како негов чичко.Го советува што и да направил, да се пријави за негово добро, а на извесен Раде му порачува да го ослободи Филип од секакви притисоци и да не манипулира со него.

„Филип, чичко ти те советува што и да си направил да се пријавиш затоа што е за твое добро. На Раде му порачувам, ако мисли дека може да манипулира со туѓи животи многу се излажал, на погрешна адреса се упатил. Ако е маж нека не те злоупотребува и нека те ослободи од секакви притисоци, јас знам дека е така како што велам.“


МВР веројатно ќе истражи дали Атанас Секуловски навистина е чичко на Филип, и дали е негов статусот, но многу бргу ќе треба да даде одговори дали  Раде Трајковски е директно вмешан во убиството на Мартин Јанушев. Трајковски во 2012 година беше уапсен во Италија, како дел од поголема група обвинета за местење на фудбалски натпревари.

„Министерството за внатрешни работи во соработка со Јавното обвинителство активно работи на расчистување на случајот“ – велат од МВР.

Обвинителството  ги прегледа снимките од камерите на околните објекти, а на распит се повикани сведоци на настанот, пријатели и роднини на Јанушев.

На денот на убиството на Мартин, а и потоа, Раде Трајковски на својот Твитер налог, интензивно поставуваше свои фотографии, сам или во друштво на неговата девојка, во опуштена атмосфера , на релација Белград – Солун.

Има фотографии  на кои Трајковски е во друштво на Мартин Јанушев.

Фото: од апсењето на Раде Трајковски во Италија 2012