Меланија Трамп тужи новинар од Словенија

Сопругата на републиканскиот кандидат на претседателските избори во САД Доналд Трамп, Меланија Трамп, поднела приватна тужба за клевета против Словенецот Томаж Михелич.

Михелич, наводно, е анонимниот автор на текстот во таблоидот „Сузи“, во кој во јули оваа година биле објавени невистинити тврдења, кои после тоа биле пренесени во некои британски и американски медиуми.

На тој начин била направена „непоправлива штета“ на угледот на сопругата на Трамп, родена пред 45 години во Словенија.

Во текстот потпишан со иницијали С.С. објавен во малотиражниот „Сузи“, кој поради американската предизборна кампања наиде на интерес и во странски медиуми, пишува дека Меланија Трамп, родена Кванс, во текот на нејзината манекенска кариера во една модна агенција работела и како „ескорт дама“, што Меланија Трамп категорично го негирала и најавила судски процеси против новинарите кои за неа шират такви гласини.