,,Случајот на уништување на МПМ е пример за што постојат медиумите во Македонија. Тие не постојат за информирање на граѓаните, туку за класична пропаганда.Она што загрижува во случајот со МПМ е тоа што има сериозни индиции дека компанијата свесно се уништува оставајќи без егзистенција стотина фамилии. Менаџментот и сопствениците молчат во врска со информациите во јавноста дека во август 2015 кога на новинарите им се намалувале платите до 20 отсто, на директорката Станисављева и била понудена плата од 25000 евра“-рече на денешната прес конференција  претседателот на ЗНМ Насер Селмани.

– Медиумскот систем во Македонија е корумпиран, власта  во спрега со сопствениците на медиумите ги злоупотребува медиумите, примерот на МПМ е само еден дел од тој мозаик на криминал и корупција што веројатно постои и во другите медиуми – рече Селмани.

Тој во име на Здружението на новинари го осуди однесувањето на менаџментот на МПМ, кој како што кажа, не само што не успеа да ја спаси компанијата туку и се обидуваат да ги избегнат законските обврски за компензација на новинарите.

Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис, изјави дека мора да се стави крај на уништувањето на економскиот и социјалниот статус на новинарите. Чаусидис информираше дека ССНМ и ЗНМ се во постапка за кривична пријава против менаџментот на МПМ за склучување договори кои не одат во прилог на новинската агенција и што е дирекна причина за пропаѓањето на компанијата.