Ме изморивте

Пишува: проф.д-р Катерина Тодороска

 

Родена сум во Прилеп во 1963 година, а од 1969 година живеам во Скопје. Тука завршив основно и средно, а во 1985 година дипломирав на Катедрата за историја при Филозофскиот факултет на УКИМ.

Мојот работен век започна во 1987 година во Институтот за национална историја, во Одделението за национално-ослободително движење. Во тоа време, од Институтот замина д-р Масар Кодра, па така остана испразнето местото кое требаше да ја покрива албанската историја.

Дотогаш единствениот контакт со Албанци ми беа училиштата, но тогаш не знаевме дека било многу важно да си Македонец или Албанец, туку заедно учевме, се тресевме за оценка, одевме пред Ванила, се смеевме на сечија сметка…. И немаше тепачки по автобуси на средношколци на етничка основа. Нормално, деликвенцијата ја имало и ќе ја има, ама не беше искористувана за распалување на националните страсти.

Потребата за сериозно и професионално извршување на мојата работна обврска побаруваше да го научам албанскиот јазик. Првите часови ги слушав на Катедрата за албански јазик на Филолошкиот факултет во Скопје кај проф. д-р Авзи Мустафа, потоа и кај проф. д-р Ремзи Несими и проф. д-р Хаки Имери. Јазикот ми се виде многу тежок, па земав и приватни часови кај тетка Параскева Тројачанец. Но, во тоа време мојот директор, проф, д-р Владо Ивановски ми кажа дека финансиски ќе ги покрие сите трошоци само да одам и да учам, но и да научам. Подоцна Фондацијата СОРОС прва отвори можност за учење на албански јазик каде учев со три-четворица други, меѓу кои и новинарот Панта Џамбазовски, а учителка ни беше Букурие Мустафа, денес вработена како научен работник во Институтот за културно и духовно наследство на Албанците. Во меѓувреме, работев на мојата магистерска теза „Македонско-албанските врски 1878-1903“. Следните години ги поминував меѓу Скопје и Тирана, а моите истражувања во најзначајните албански институции резултираа со купишта фотокопирани и многу микрофилмувани документи. Од нив произлегоа бројни статии, 15-тина книги (монографии и зборници на документи), но и можности за соочување на моите сознанија со сознанија на колеги ширум светот кои работат на албанската историја.

И така, после триесетгодишно проучување на македонско-албанските врски низ историјата и како константен истражувач и соработник на Државниот архив на Република Македонија, во 2015 година заедно со тогашниот заменик директор на Архивот, д-р Ќерим Лита подготивме изложба насловена „МАКЕДОНСКО-АЛБАНСКА СОРАБОТКА 1850-2001“. За изложбата првично направивме избор на слики и документи кои досега ги нема видено ниту македонската, ниту странската јавност, за кои беше направена соодветна компјутерска преработка. Подготвивме предговор (на македонски, албански и англиски јазик), соодветни куси објаснувања односни на визуелниот материјал, беше распишан конкурс за врамување на паноата, и откако се’ заврши, нешто пак не беше како што треба. Проблемот беше, во никој друг, туку во директорот на Државниот архив на РМ. Првично изложбата требаше да се отвори на 22 Ноември 2015 година во Битола, но фактот што директорот бил на пат (бидејќи требаше светот да се прошета), отворањето на изложбата остана за друг пат. Но, за целата перипетија со актуелниот директор во друга прилика.

Она што сакам вам да ви го предочам е досега необјавениот предговор на таа изложба кој е авторски текст на двајцата подготвувачи. Фактот што тогашниот директор на Државниот архив на РМ, д-р Филип Петровски,  не го испочитува потпишаниот договор во врска со изложбата мене ми остава простор истиот да го презентирам пред нашата јавност.

Идејата е една и единствена. Да добиете ЕЛЕМЕНТАРНИ сознанија за историјата на македонско-албанските врски.

Еве го предговорот.

Работата на историографијата, покрај монографската обработка на одредена тема, претставува и вадење на виделина на исползуваните документи за даден проблем. Од своја страна објавувањето на ползуваните документи може да ги дополни сознанија добиени од монографски трудови кои се однесуваат на определено прашање.

Имајќи ја предвид нашата професионална преокупација која ни овозможува контакт со бројна оригинална документација не наведе на идејата таа и таква документација да ја ставиме на увид на јавноста во вид на изложба.

Во овој случај документацијата се однесува на македонско-албанската соработка во подолг временски период. Така, оваа поставка содржи оригинални документи претставуваат интересен извор за историјата на Македонците и Албанците во периодот од 1850 до 2001 година.

При подготвувањето на материјалот, нашата намера не беше да “докажеме” дека односите меѓу Македонците и Албанците, во посочениот период, биле “подмачкани”, а народите благонаклони едни кон други, туку реално да ги прикажеме општествените, политичките, социјалните, културните аспекти од тие односи. Од богатата содржина на документите произлегува дека во нив има исклучителен материјал не само за историографи, туку и за истражувачи на повеќе научни дисциплини.

Документите што ги нудиме, пред се, се наоѓаат во Државниот архив на Република Македонија.

Поставката ја започнуваме со Стојан Везенков (1828-1897) бил еден од оние дејци, кои го внеле својот морален, општествен и емотивен залог во изградбата и зацврстувањето на албанско – македонското пријателство, во искреното зближување, поврзување и соработка на двата соседни народа кој го употребувал и конспиративното албанско име: Зека Бисов.

Македонско – албанското пријателство и врски ги одржувал и Исаија Радев Мажовски, кој добро го говорел албанскиот јазик и имал воспоставено трајни пријателски контакти со албански патриоти. Тој е еден од најекспонираните дејци на Македоно-албанската револуционерна лига од 1887 год. која издала и Проглас на албански јазик за повик на соработка со албанското население во борбата за ослободување од османлиската власт.

Во 1888 година бил создаден еден “Албанско – македонски одбор”, со цел заеднички да се борат за остварување на своите ослободителни стремежи.

На 25. 12. 1892 г. македонско-албанската емиграција го објавила првиот број на весникот “Албано – Македониа” кој е карактеристичен по цртежат на насловната страна, додека на 6. 01. 1893 г. бил отпечатен и вториот број во Букурешт (Романија). Сопственик и уредник на весникот бил Стефан Дамчев.

Во Лондон во 1893/94 година бил направен обид за формирање на заедничка лига, која претставувала нов момент во развојот на македонско-албанските врски. Оваа лига за разлика од претходната се викала “Национално – централна албанско – македонска лига”.

Кон крајот на 1898 година во Атина било формирано “Друштвото Албано-македонски силогос”.

Македонско-албанската соработка во Софија била најинтензивна, а од неа произлегол и еден “Предлог проект за автономија на Македонија и Албанија” од 23 февруари 1899 год. составен од 23 точки.

Шефќет Аголи во 1901 година запишал дека „Во тоа време во преспанската зона немаше албански чети кои војуваа за да го срушат ропството, поради тоа јас барав да влезам во македонските чети. Во ова време Македонците беа организирани добро и убаво и ѝ вршеа на турската влада опширна и отворена војна… Михо Лахо ме поврза со една македонска чета каде и тој самиот беше комита. Во македонската чета имавме потполно братство комита со комита, многу се сакавме. Забележував дека Македонците многу ја ценеа машкоста, јунаштвото и бесата на Албанците”.

Во 1902 год. “Национална  македонско-албанска лига” од Лондон  ја зголемува својата работа, кога нејзиниот Извршен комитет издал еден Проглас или апел кој бил дистрибуиран, во места населени со Албанци и Македонци, од активностите на Лигата – Стеван Дамчев и Јашар бег. Лигата подготвила “Проект за автономија на Македонија, Албанија, Стара Србија и Одрин”, составен од 12 члена.

На 10 мај 1902 година излегол првиот број на органот “L’ Autonomie”, од кој излегле пет броја. Весникот излегувал два пати месечно, со мото Македонија на Македонците, Албанија на Албанците.

Имајќи ги предвид разликите кои постоеле меѓу Македонците и  Албанците, како на пример религиозните, Македонската револуционерна организација си поставила задача, да делува сред албанскиот народ во правец на негово придобивање за ослободителното дело. Македонските револуционери свои бази имале во домовите на Албанци христијани и муслимани, како Коци Спири, Наки Тиарс, Кол Тала, Аслан Минароли, Риза Минароли, Косу Орхан – бег и други.

Покрај пријателски биле создавани и врски со бракови. Така,  Албанецот Коли Тоди, зет на рибарот Коста Каневче, потоа Коци Спири, роднина на учителот Коста Лештар од Поградец, Томаќи, шура на Марко Томче и други, вршеле разни услуги и набавувале оружје за Македонската револуционерна организација.

Албанците, како доставувачи на оружје биле многу  доверливи и  доследни. Тие биле активни во гостиварско, тетовско, дебарско, охридско, струшко, костурско, леринско итн. Така, Суљо – Али – ага поради својата верност кон Организацијата бил поставен за шеф на разузнавачката секција за целата територија на околните села.

Како особен активист во работата на Организацијата во охридско се смета Белул Ариф Наџак, кој за својата револуционерна активност, од Одборот за доделување на илинденски пензии при Президиумот на Народното собрание на НРМ добил Илинденска пензија. Според сеќавањето на Наџак учествувал “преди востанието, во востанието 1903 год. и след востанието, като илегален борец во четата на Деана, П. Чаулев, Стефан Алабакот и Петре Лесов”.

Продолжување на македонско-албанската соработка меѓу емигрантите бележиме во 1904 година, кога во Виена било формирано “Хуманитарно албанско-македонско друштво”. Како потписници на основачкиот акт на ова друштво ги среќаваме Цветко Х. Фортуниќ, Хил Моси и Петер Каранфилов.

Во Виена, во јуни 1908 година бил формиран така наречен “Албанско – македонски комитет”. Комитетот бил раководен од влијателни личности, како што бил Александар Икономов и Ѓерѓ Пекмези.

Периодот на Младотурската револуција бил значаен бидејќи ги сплотил различните народи кои го населувале европскиот дел на Османската Империја со една иста цел, ослабување на моќта на султанот и ослободување на подвластените народи.

Во ноември 1908 година, голем број албански патриоти се собрале во Битола каде се одржал Битолскиот конгрес за унифицирање на албанското писмо, а на кој биле донесени неколку решенија. За овој конгрес свои спомени има оставено и Парасќеви Ќиријази според која, после конгресот бил организиран голем Митинг на писмото на кој се пееле песни.

По завршувањето на Конгресот бил издаван весникот „Башким`и Комбит“ кој излегувал до 1910 година.

На 10 јули 1910 година се одржал нов т.н. Дебарски конгрес, повторно во врска со албанското писмо, каде биле донесени одлуки кои биле печатени со латинско и арапско писмо во печатарницата „Комби“ во Битола.

Пред почетокот на Втората балканска војна, во јули 1913 година, Јане Сандански заедно со Стоју Хаџиев, заминале во мисија во Албанија, по налог на Фердинанд. Нивната задача била да преговараат со албанските раководители за заедничко дејствување на Бугарија и Албанија во случај на нова војна, овојпат меѓу сојузниците, поточно против Србија. Но, обидот бил неуспешен.

Сепак, новата српска власт во граничните подрачја меѓу Кралството СХС и албанската држава спроведувала крајно репресивни мерки, со што го навлекла гневот на месното население. Поради организирањето на заеднички вооружени сили од страна на македонското и албанското население било предизвикано големото негодување сред властите. Еден таков настан во кој имало заедничко учество било востанието од септември 1913 год. во историграфијата познат како „Македонско-албанско”, „Септемвриско” „Охридско” или „Охридско-дебарско востание”.

Востанието имало за цел да се отфрли власта од новоосвоените територии од страна на српските сили. На негово чело застанале Петар Чаулев, Шакир-бег, Милан Матов, Али Пустина, Ахмед-бег Зеколи и др. Исходот од востанието бил крвав и депресивен. Биле извршени масовни масакри во Дебар, Гостивар, Велика и Радика. Во Охридско, до темел биле изгорени 30, а меѓу Охрид и Гостивар 180 села.

И во текот на следните години биле остварувани средби меѓу претставници на македонското и албанското население во правец на соработка по одредени прашања. Во таква насока била и спогодбата потпишана на 21 декември 1921 година меѓу Македонскиот комитет ВМРО и Косовскиот комитет за војна и политичка соработка. Во своите Спомени д-р Филип Атанасов говори за револуционерното и ослободителното движење на ВМРО во Албанија и соработката со Косовскиот Комитет 1919 – 1924.

Во однос на секојдневниот живот, но и едукацијата на младите муслимански верници голема улога одиграла Великата медреса „ Крал Александар Први”, во Скопје  која постоела од 1925 до 1941 год. Поради нејзината општа важност оваа Медреса ја среќаваме во разни архивски документи, а на изложбата ја презентираме фотографијата од првата генерација матуранти од Медреса. Исто така и Медресата „Гази Иса бег “ ја исполнувала својата образовна улога за муслиманските деца во Скопје во периодот од 1936 – 1941 год.,за што говорат и изложените фотографии и документи.

Од 1941 до 1944 година дел од македонската територија била под владение на бугарските окупаторски власти. Со цел да го осознаат точниот број на населението, бугарските власти направиле темелен попис на населението врз основа на Законот за регистрација на населението во општините, како и Правилникот за водење на регистрите за населението во градските и селските општини. Во пописните книги македонското население се именува како бугарско, а другите народности се именуваат со својата припадност. Покрај другите во пописните книги се среќаваат цели фамилии на Албанци муслимани, Албанци католици, но и мешани фамилии на Албанци и други народности но со иста вероисповед.

Кога говориме за периодот од Втората светска војна, имаме повеќеслојни информации. Првите се од периодот кога Италија со својот соработник Албанија биле окупатори на дел од македонската територија, вторите се од периодот кога Италија капитулирала, а во Западна Македонија продолжила да трае албанската власт и третиот е периодот кога албанското население од Македонија се вклучува во антифашистичката војна. За тоа говорат и претставените документи од АСНОМ и Генерален штаб (ГШ) на Народна ослободителна борба во Македонија (НОБМ). Соодветно на тоа посебен осврт даваме на историјатот за IV односно VII Албанска Бригада во состав на 42 Девизија на НОБМ.

Во воениот период, но и непосредно после војната посебно се истакнале Есад Доко (интелектуалец и еден од водачите на Албанците во периодот 1944 – 1953 год.) и Азем Марана (управител и класен раководител) со учениците на III и IV одделение при ОУ „Лирија”, Скопје, во учебната година 1944/45.

Согласно политиката на КПМ во НРМ, за зголемување на кадарот кој ќе учествува во образованието на албанските деца, во повоениот период биле отворани летни курсеви за наставници по албански и турси јазик. Тие биле организирани од 1945-1947 година. согласно потпишаните решенија од страна на министерот за образование. Во оваа поставка се поместени Правилникот за организирање и одржување курсеви, како и фотодокументација.

Сеекако, наставата за албанските деца изискувала и изготвување на соодветни наставни планови, по што била изготвена и наставна програма за основните училишта по албански јазик за предмет на историја за учебната година 1945/46.

За потребите на Албанците за културно издигнување во НРМ била формирана Албанска културно-образовна комисија во НРМ, која имала повеќе филијали организирани во текот на 1945 – 1946 година.

Зголемувањето на бројот на албанските ученици побарувал и зголемување на бројот на учители и наставници. Во насока на подобрување на кадарот, биле донесени наставни планови и програми за албанските наставници за периодот од 1948-1950 год.

Во функција на презентирање на официјални податоци за бројноста на учениците во поставката поместени се статистички податоци за бројот на основните училишта на македонски, албански, турски и српски јазик за 1948 година. Посебно се претставува извештајот од инспекторот за основните училишта на албански јазик, Зуди Кајанаку за состојбата на основните училишта во Тетовскиот и Гостиварскиот регион.

Позитивниот одлуки на КПМ по однос на Албанците голема улога имал и Неџат Аголи, првиот министер Албанец во Владата на НРМ. Но, по Резолуцијата на Информбирото Аголи бил уапсен и испратен на Голи Оток, каде и починал. За тоа говорат и документите од Централниот комитет на Комунистичка партија на Македонија за негово разрешување од функцијата министер за социјална политика и од членството на Централниот комитет од Комунистичка партија на Македонија во 1948 год.

Образовниот систем во НРМ и натаму трпел постојани промени. Тоа се гледа и од достапните одлуки за паралелки отворани во гимназиите, како и за отворање седмолетки со настава на албански јазик во период 1945 -1949 год.

Од порано спомнатите летни курсеви за албанските наставници во НР Македонија продолжиле да работат и во 1949-1950 год., додека во Тетово била отворена и Учителска школа „Лириа” 1950 год., а нејзината работа престанала во 1951 година, бидејќи во Скопје во 1952 год. била отворена Учителската школа „Зеф Луш Марку”. Фотографиите од старата зграда на Учителската школа потсетуваат на периодот пред земјотресот во Скопје од  1963 год., која зградата била срушена.

Посебен дел од изложбата е посветен на националниот, образовниот, културниот и економскиот развој на Албанците во Социјалистичка Република Македонија до 1968 год.

Во тој контекст се претствуваат културно-обрзовните организации на Албанците и Турците во Македонија до 1961 година, потоа се обрнува внимание на ангажираните работници на емисијата на албански и турски јазик на Радио Скопје во теко на 60-тите години од минатиот век. Не помалку важен дел од културниот живот е и Театар на народностите во Скопје – национална културна институција на Албанците и Турците во СРМ.

Имајќи предвид дека културното издигнување на населението во една држава неминовно побарува и печатење на книги и весници, во оваа поставка обрнуваме внимание и на издавачката дејност на албански јазик во СРМ во 60-тите години од минатиот век.

Големи промени во севкупниот живот вовеле Уставните амандмани за 1971 год. на Социјалистичка Република Македонија, преку кои е подигнат статусот за Албанците од  национално малцинство во народност. Согласно Резолуцијата во 1971 год., усвоена во Собранието на СРМ, државните органи на СРМ биле задолжени да се ангажираат за национална, образовна и културна рамноправност на албанската и турската националност на СРМ.

Особено значаен деец од тој период е професорот Петро Јанура, кој како врвен интелектуалец се заложил и станал основач на Катедрата за албански јазик при Филилошкиот факултет во 1972 год. Тој бил еден од најголемите поборници за единствен албански литературен јазик.

Поставката обилува и со документи за развојот на културата, образованието и издавачката дејност на Албанците и Турците во СРМ до 1973 год.

Имајќи го предвид фактот што во македонската историографија има бројни текстови на тема Рамковен договор, кој беше потпишан во Скопје 13 август 2001 година сметавме за потребно да го ставиме и овој документ во контекстот на изложбата која ја именувавме како „Македонско-албанска соработка 1850-2001“.“

Последнава година се изнаслушав и се изначитав довчера, тврдокорни Македонци, како глумат поголеми Албанци од Албанците, оти нели, сега дојде друго време, а интересот се прилагодува на времето. Ваквата еуфорија дниве кулминира.

Завршувајќи го ова мое обраќање до вас не е со цел да полемизирам за актуелните „жешки“ костени во Македонија, туку да ви го понудам мојот заклучок од долгогодишните истражувања: „Македонците и Албанците никогаш не биле поголеми душмани од денес“. Еве ја и мојата девиза-водилка како алтернатива за нормало опстојување на нашава држава: „Мојот и твојот живот се еднакво вредни“.

 

За АКО.мк