Мигрантите ги ,,освојуваат” парковите и улиците низ Белград

Секојдневно расте бројот на мигранти кои подолго време престојуваат во парковите и низ улиците во централниот дел на Белград. Заради вакавата ситуација владата и хуманитарните организации изразуваат сериозна загриженост.

Дополнителен немир кај надлежните внесуваат податоците дека во прифатните центри се појавуваат преносливи болести.

Од Министертво за труд на Србија велат дека невладините организации ги охрабруваат мигрантите да остануваат по парковите, давајќи им храна , облека и обувки. Апелираат тие да продолжат да им помагаат, но само во рамки на прифатните центри.

Белграѓани негодуваат, затоа што не можат да ги користат нивните омилени шеталишта, а оние кои живеат во близина велат дека имаат секојдневни проблеми затоа што мораат да ги носат децата да играат на подалечни дестинации, бидејќи е загрижувачка состојбата со хигиената.

Од друга страна, хуманитарните организации уверуваат дека нема места во прифатните центри. Во моментот во нив се сместени од 7.000 до 10.000 мигранти.

Исто така , за да се смести некој мигрант таму, мора да покаже потврда од МВР дека побарал азил во Србија.

Секојдневно, низ парковите во Белград престојуваат повеќе од 1.000 мигранти.