Милиони евра буџетски пари се трошат за одржување крстови и споменици

Последната информација во низата за разно-разни тендери и договори за одржување на неплански и непотребно изградените светлечки крстови, споменици и други луксузни нешта низ градот, повторно го наметнуваат прашањето колку народни пари се одлеваат за нивно оддржување.

Со измама поставениот светлечки крст на потегот на крстосницата меѓу општина Аеродром и Лисиче, наводно заради добрата местоположба и неговата видливост дури од Гази Баба, што се разбира не е точно, а и неважно, ќе ,,лапне ,, нови стотина илјади евра за ново осветлување.

Имено,фирмата „Инженеринг ДАСС“ е одбрана да го изведе новото осветлување, со договор склучен за една година и со вредност од 119. 407 евра.

Крстот, кој е со височина од 51 метар, а чии краци изнесуваат 35 метри во распон, изграден пред 3 години на иницијатива и наводно со средства на Светскиот македонски конгрес, беше поставен од лукративни причини, всушност да се знае чиј петел пее наутро, кога новите станари од четирите кули ќе погледнат низ своите прозорци. Тодор Петров доби идеја токму овде и токму за таков крст, откако медиумите почнаа да пишуваат дека инвеститорот ги нуди за продажба становите по поволна цена и тоа на Косово.

Пред две години беше поставен нов систем за осветлување на Милениумскиот крст на врвот на Водно, но овојпат со донацијата од компанијата Балкан Енерџи Груп и Леонид Лебедев како член на Советот на федерацијата на Федералното собрание на Руската Федерација.

Осветлувањето чинеше 200 илјади евра, откако претходно стотици илјади евра град Скопје плаќаше за електрична енергија и друго оддржување.

Градежната компанија „Бетон“ ем ги гради , ем ги одржува спомениците и објектите од проектот Скопјке 2014.

На тендер, неодамна, оваа компанија повторно обезбеди и во наредните две години да се грижи за одржување на спомениците и фонтаните од проектот Скопје 2014. Фирмата во сопственост на бизнисменот Минчо Јорданов повторно го доби тендерот од Град Скопје во вредност од 861.000 евра.

Во 2014 година град Скопје ги презеде спомениците и фонтаните од општина Центар и оттогаш секоја година на јавен повик избира оператор кој ќе се грижи за нив и секој тендер го добива „Бетон“.

Во 2014 „Бетон“ беше единствен понудувач, а тендерот тежеше 325.000 евра. И на повикот во 2015 „Бетон“ немал конкуренција и доби 488.000 евра од градската каса за одржување. На тендерот оваа година за прв пат освен фирмата на Јорданов, се јавила уште една компанија, но повторно бил избран „Бетон“ како најповолен понудувач, со 861.000 евра за одржување во наредните две години.

Фирмата Бетон има обврска во наредните две години да ги одржува сите споменици во централното градско подрачје. Станува збор за редовно одржување на фонтаните и на целокупниот број спомен обележја поставени на плоштадите, мостовите и фонтаните во централното градско подрачје- изјавија тогаш од Град Скопје.

Според податоците што ги објави Призма во истражувањето „Скопје 2014 под лупа“ , Бетон е најголем изведувач со 31 објект од проектот Скопје 2014 за што Минчо Јорданов зел повеќе од 191 милиони евра буџетски пари.

Дополнителни пари се потрошија и се уште ќе се трошат сега и за отстранување на шаренилото од објектите и спомениците од Шарената револуција.

Потоа, град Скопје набавуваше апаратчиња за бркање чавки за да не се олеснуваат над спомениците-најмалку 80 илјади евра.

Плоштадот неколку пати беше прекопуван и менувани гранитните плочи, но на крај заврши со постваување на т.н. сува фонтана , чии плочки патем пропаѓаат-но таа чинеше 2 и пол милиони евра.

Палми 600 000 евра, плус систем за разладување лете и покривање зиме-непозната сума, патем сите палми се исушија.

Долг е списокот на извлечени пари на граѓаните од буџетот за разни дополнителни ставки поврзани со проектот Скопје 2014, кој повеќе личи на една голема пералница на пари, отколку на туристичка атракција и заштита на националниот идентитет и историја.

Трагата на одлеаните пари по приватни џебови и на сметки во странство се следи, а СЈО е на добар пат тоа и да го разобличи. Некој, ќе мора да одговара, како што е се поизвесно, за најголемиот грабеж во историјата на македонската држава.

Емилија Лазаревска