Министерство за култура ќе ја укине финансиската поддршка за домашната музичка продукција

Министерството за култура  започна  процес на подготовка на Предлог на закон за престанување на важењето на Законот за поддршка на домашната музичка продукција.
 

Според ова министерство, имплементацијата на Законот во практика не ги даде очекуваните ефекти, затоа  што иако за избраните композиции се продуцираа аудио и видео записи, истите или не беа воопшто или беа емитувани во мал обем на радијата и телевизиите.

Од наведените причини  објективно и не може да се направи евалуација на позитивните ефекти од поддршката на создавање на нови композиции. Со оглед на тоа што аудио и видео записите за композициите не беа во доволен обем достапни на пошироката јавност, се поставува прашањето за оправданоста од ваквиот начин на финансирање на создавање на нови композиции од областа на забавната и народната музика со средства од Буџетот на Република Македонија-се вели во известувањето.

Формално правно реализатор на проектот беше Македонска радио-телевизија-Скопје.

Претходната Влада од 2013 секоја година финансираше создавање на 200 нови композиции, од кои 150 се од областа на забавната и народната музика и 50 се детски композиции.

Композиции се избираа на конкурсот во категориите „таленти“, „афирмиран изведувач“, „истакнат изведувач“, „врвен изведувач“, „композиции со кои се афирмираат семејните вредности во општеството или многудетните семејства“ и „композиции со кои се афирмира историјата на Македонија“  .

 

За 200 композиции годишно се издвојуваа околу 500 000 евра.