Министерство за одбрана ќе го раскине договорот со ,,Пуцко петрол“ за набавка на мазут

Регулаторната комисија, еден час по прес-конференцијата на која министерката Шекеринска одговори на прашање поврзано со склучениот договор за набавка на мазут со компанијата „Пуцко Петрол“, испрати информација до Министерството во која се вели дека оваа компанија нема право да врши набавка на овој нафтен дериват.

Во согласност со одговорот на Регулаторна, Министерството за одбрана ќе започне постапка за раскинување на договорот со „Пуцко Петрол“ за снабдување со мазут.

Претходно како одговор на новинарско прашање, министерката истакна дека Министерството ќе постапи согласно одговорот на Регулаторната комисија.

„Веќе побаравме од Регулаторната комисија кое е единственото задолжено тело да ја следи оваа политика, дали компанијата која победи на електронската аукција има дозвола да работи со мазут или не. Ќе постапиме така како што ќе извести Регулаторната комисија. Досега еден денар не е исплатен врз основа на овој договор. Тој е потпишан за Министерството да врати стар долг на мазут во државните резерви“, рече министерката.

Таа истакна дека за овој проблем станало збор и на седница на Владата на Република Македонија, со што во измените на Законот за енергетика, Регулаторната комисија ќе има обврска јасно во насловот на Лиценцата што таа ја издава да наведе за кои нафтени деривати се однесува Лиценцата со што ќе се оневозможи фирмите да нудат услуга за која немаат право.

„Лиценците кои ги издава Регулаторната комисија имаат ист наслов и гласат на сите нафтени деривати. Кога ќе прочитате во лиценцата вид и обем, исто така се наведени сите деривати. Практично ова се документи кои што многу институции ги доведуваат во заблуда дека одредена фирма може да тргува со одреден дериват иако тоа реално не е така“, рече министерката.