Министрите за земјоделство од регионот ја повикаа Хрватска да ги укине високите такси за увоз на овошје и зеленчук

Mинистрите  за земјоделство, шумарство и водостопанство од регионот, на Македонија-Љупчо Николовски, од Босна и Херцеговина Мирко Шаровиќ , од Република Србија Расим Љајиќ, и од  Црна Гора Драгица Секулиќ, на денешниот итен состанок во Сараево донесоа неколку заклучоци  во врска со новиот хрватски Правилник за увоз на свежо овошје и зеленчук.

Министрите ја повикуваат Хрватска итно да ги укине дискриминаторските одредби од Правилникот, а трошоците за инспекцискиот надзор да се сведат на нивната реална висина. Воедно министрите потписници бараат оваа недела да се одржи итен состанок со надлежните министри од Хрватска, а при тоа да се има  предвид дека секое одложување за изнаоѓање на решение ќе предизвика значителни последици врз производителите од земјите од регионот,  со оглед на тоа дека сето ова се случува во период кога има зголемен извоз на сезонско овошје и зеленчук.

Министрите од регионот во решaвање на проблемот со Хрватска ја повикаа да се вклучи и Европската унија. Меѓу другото, во заклучоците се наведува дека секоја земја се до решавање на проблемот,  за да ги заштити сопствените економски интереси ќе преземе конкретни мерки и механизми кои смета дека се адекватни.

 

Инаку денешната итна средба на министрите од регионот беше свикана откако Хрватска на 15 –ти јули годинава донесе нов Правилник за инспекциски надзор и контрола за усогласеност на овошјето и зеленчукот со кој трошоците за контрола на квалитет на овошјето и зеленчукот за трети земји се зголемуваат од досегашните 90 куни (12 €) по производ, на 2.000 куни (274 €) по производ.

Македонското Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство веќе достави  нота до хрватското Министерство за земјоделство за стопирање на Правилникот за контрола при увозот на овошје и зеленчук . Со новиот Правилник што го донесе Хрватска за увоз на овошје и зеленчук, значајно се зголемуваат трошоците при извоз на македонското свежо овошје и зеленчук, што ќе влијае врз зголемување на крајната цена на чинење на производот. Со такви зголемени цени, македонското овошје и зеленчук ќе бидат неконкурентни на хрватскиот пазар.