Миновски: ЕЛЕМ има катастрофално ниско производство на електрична енергија

 

Генералниот директор на ЕЛЕМ, Драган Миновски, на денешената прес конференција изнесе загрижувачки податоци со домашното производство на електрична енергија. Можам да кажам дека работите се катастрофални,рече тој.

,,Ситуацијата со производството на електрична енергија во Македонија се движи во лош правец, односно од година во година производството значително паѓа. Во 2006-та произведени биле 6.510 GWh, во 2013-та бројките се веќе значително намалени, произведени биле 5.113 GWh, а во 2016-та- само  4.300. За годинава пак, предвидувањата се дека ќе завршиме само со 3.600 GWh произведена електрична енергија, што не било никогаш, односно е рекордно ниско нивно на производство на АД ЕЛЕМ.

Постојат причини поради кои овие бројки се такви, особено за оваа 2017-та година“-посочи Миновски.

Според анализите што ги направиле,  претходните раководства, особено во периодот во последните неколку години, работеле неодговорно и недомаќински.

,,Во текот на целата 2017-та година редовните годишни ремонти на блоковите во РЕК Битола не се направени. Оставени се  за есенските и зимските месеци, а требало да се направат порано во годината, во текот на пролетните и летните месеци. Претходното раководство не ги ремонтирало капацитетите и не ги подготвило за есента и за поголемата побарувачка во грејната сезона. И сега кога треба засилено да произведуваат, тие треба да бидат запрени за да работиме на нив.

Во исто време, причина за намаленото производство е и лошо изведената ревитализација на блоковите 2 и 3 во Битола, капитален зафат за кој се платени 66 милиони евра, а кој наместо да ги зајакне блоковите, ја намали нивната моќност и капацитет за производство, поради што изгубени се во просек по 40 MWh/h или 130 милиони евра, сума за која може да се каже дека е неостварен приход на АД ЕЛЕМ“-изјави Миновски.

Јагленокопите во ТЕЦ Осломеј се исцрпени, а нови копови за јаглен не се отворени, ниту таму ниту на друго место, ниту е обезбеден јаглен за да се носи во РЕК Осломеј, за да може  и таа централа да работи и да произведува струја.

,,И што направило претходното раководство во 2016-та? Претходното раководство во 2016 направило тоа што било најлесно за да произведе електрична енергија. Ги впрегнало хидроцентралите до крајна мерка. Поради тоа лошо менаџирано празнење и поради недоволните дотеци на почетокот на оваа година, во моментов сите акумулации се толку исцрпени и потрошени, што нивото на водата во нив е спуштено под нивото потребно за безбедно и стабилно управување со системот“-изјави тој.

Во однос на финансиската состојба на АД ЕЛЕМ, на 7 август 2017 година, при примопредавањето на сметката на АД ЕЛЕМ, на истата имало 7 милиони и 300 илјади евра расположливи средства. Но, до крајот на 2017-та ЕЛЕМ треба да плати кредити во износ од 12 ипол милиони евра. Што значи дека ќе се влезе во минус.

Исто така, на сметката на АД ЕЛЕМ имало депозити во износ од 17 милиони и 800 илјади евра, но тие се средства планирани  за ремонтите во термоелектраните кои се вршат во моментот и за ископот на јаглен и јаловина во РЕК Битола до крајот на годината, како и за евентуалните набавки на електрична енергија во текот на зимскиот период.