Вечерва(10.11.2017) бев во Вевчани на отворањето на изложбата – уметнички фотографии, со наслов „Часовникот“, на мојот пријател Анастас Ќушкоски, вевчанец, голем ерудит, познат драмски автор, поет, раскажувач, истражувач, публицист, сценарист, режисер и пасиониран фотограф, но, пред се, етнолог хроничар на Вевчани.

Но, отидов и со намера лично да му честитам на новиот градоначалник од СДСМ, симпатичното момче Сашо Јанкоски, за неговата одлука да постави член на ВМРО ДПМНЕ за В.Д. директор на јавно претпријатие во Вевчани.


Потикнат од непримерните коментари на Фејсбук, жестоката осуда, небаре пропадна државата!?
Знам дека ова решение е привремено, знам и нешто што треба да остане само за мене, но, дури и да е трајно решението, го поздравувам. 


Како што ја поздравив и изјавата на мојот градоначалник во Охрид, д-р Јован Стојаноски – да не прифаќа уцени при составувањето на мнозинството и изборот на претседател на градскиот Совет – и по цена да се оди повторено на гласање, што, според мене, е најмалата цена која треба да се плати. Се друго е – градот на тацна во рацете на градежните профитери и багабонти!?


Посебно ме радува што доага од Вевчани и вевчанци, со кои заедно, со тешки лузни ,ја протуркавме (јас како новинар на ТАНЈУГ) вевчанската демократска пролет, после случајот со водите и електричните пендреци (шпанскиот борец Вељко Влаховиќ, за време на студентските немири во Белгард – 68-та, ги дефинираше како “медвеѓа говна!”), после што паднаа министерот на полицијата, владата, раководството на СКЈ – СКМ.

Од каде бе, другари и другарки, би доаѓале потези против партиската исклучивост, ако не од Вевчани!?

Затоа и го издвојувам, синоќешниот коментар на колегата и пријател Љупчо (Ljupco Siljanovski), нашиот познат афористичар: “Токму заради таа партиска исклучивост и недопирливост ДПМНЕ ги загуби изборите во Вевчани.Не гледам ништо дефетистичко во постапката на вевчанскиот градоначалник, напротив, неговиот потег ќе наиде на одобрување дури и кај оние на кои СДСМ им се претставува како некаков реваншистички монструм. Не, СДСМ не е тоа, гледате и сами”.

Веле Митаноски,новинар

Фото:лево Сашо Василески,до него-Анастас Ќушкоски