Митковски: Не бараме амнестија за сторените дела, туку да му се врати домашниот притвор на Владо

Еден од глумците кои играат во претставата ,,Ничија земја“, Оливер Митковски, на својот ФБ профил се обиде да ја објасни одлуката вчера да не ја одиграат пред публиката во МНТ и да бојкотираат во знак на поддршка на нивниот колега Владо Јовановски, кој веќе е во затворски притвор за организираниот упад во Собрание на 27 април.

Митковски вели дека јавноста со право е разочарано од нивниот потег, но и покрај тоа што нивната одлука е можеби погрешна, тие пред се реагирале емотивно и како луѓе. Еве што напиша Митковски на својот ФБ профил:

,,Во случајов поради недостаток на вистински информации за мотивите на нашето дејствување, а истовремено поради чувствителноста на политичката состојба во земјата, пред се поради низата организирани криминални дејствија од 27 Април, јавноста со право шпекулира и бара одговори. Верувам дека на повеќето им се добро познати моите ставови во однос на владеењето на претходната политичка гарнитура, мојата осуда во однос на случувањата во собранието и мојата децениска борба за создавање на правна држава.

Оттаму, нашата одлука не беше обид ниту да влијаеме на исходот на судските процеси, ниту да бараме амнестија за сторените дела. Напротив, сметаме дека доколку се докаже вината, Владо и сите останати учесници треба соодветно да бидат казнети, секој во зависност од тежината на стореното дело. Идејата беше да се сврти вниманието на јавноста и пред се на надлежните институции уште еднаш да ја преиспитаат својата одлука и да ја вратат првичната-домашен притвор. Сметаме дека во конкретниов случај, Владо има неколку олеснителни околности кои се доволни за оваа отстапка од страна на надлежните органи.

Точно е дека нашата одлука е емотивна, можеби по некои параметри и погрешна но во секој случај сметаме дека е човечна, посебно во време кога омразата доминира наспроти хуманоста. Можеби ќе видите извесни контрадикторности во однос на целото мое претходно залагање, жалам што дел од моите пријатели и познаници ќе бидат разочарани, но за мене одлуката да застанам позади оваа иницијатива е во суштина континуитет на мојата потреба да бидам не само колега туку пред се човек.“(ФБ статус на Оливер Митковски,глумец во МНТ)