Михаел Шумахер покажува знаци за закрепнување

Поранешниот шампион во Формула 1, Михаел Шумахер покажува „охрабрувачки знаци“ за негово закрепнување по несреќата на скијање, изјавил некогашниот шеф на тимот на „Мерцедес“, Рос Брон.

Седумкратниот светски шампион Шумахер задоби тешки повреди на главата во несреќата што му се случи во декември 2013 година, на скијачка патека на француските Алпи, заради што беше во кома шест месеци.

Неговата моментна здравствена состојба не е позната, но Брон,изразува надеж дека 47-годишниот Германец ќе заздрави.

„Семејството одлучи Шумахер да се лекува во потполна приватност и ние тоа мора да го почитуваме“, рекол Брон за Би-Би-Си.

Тој додал дека има напредок и охрабрувачки сигнали и дека сите се молат Шумахер да оздрави.

Михаел одредено време престојуваше во болници во Гренобл и Лозана пред да биде вратен дома во Швајцарија во септември 2014 година на дополнителна рехабилитација.