Михаил Ренџов ја доби наградата ,,Браќа Миладиновци“ на СВП за 2017

Поетот Миахаил Ренџов ја доби  наградата „ Браќа Миладиновци“ – за најдобра книга на македонски јазик, меѓу две Струги.

Книгата „Јас. Елегии“ од Михаил Ренџов  е комплексно, темелно конципирано и впечатливо поетско дело што се одликува со идејно-содржинска и со формално-стилска кохерентност. Поетската онтологија, елегичниот тон и сонетната форма се хармонична тријада врз која е цврсто втемелена книгата „Јас. Елегии“ од Михаил Ренџов и таа неспорно претставува творечко резиме на овој автор – стои во образложението на жири- комисијата во состав: Глигор Стојковски (претседател) и членовите: Димитар Пандев, Кристина Николовска, Иван Џепаровски и Јовица Тасевски Етернијан.

На конкурсот , поетска книга на македонски јазик, издадена помеѓу две изданија на Струшките вечери на поезијата, беа пристигнати 38 книги од 37 автори , а ѓири комисијата направи поширок избор од 10 книги, согласно Правилникот за наградата. Беа избрани следните книги (според абучен ред на презимето на авторот): Лидија Давидовска, Духовна архива,  Антолог, Јовица Ивановски, Со слободна рака, Табернакул, Зоран Јакимоски, Задачите се зададени, ПНВ Публикации, Јосип Коцев, Напишана тишина, Или-или, Владимир Мартиновски, Внатрешни планини, Кликер маркетинг, Трајан Петровски, Јас и Црна Арапина, Македонска реч, Михаил Ренџов, Јас. Елегии, Макавеј, Благој Самоников, Непроѕирна светлина, Центар за културна иницијатива – Штип, СУМ, Наташа Сарџоска, Жива вода, „Макавеј“, Стојан Тарапуза, Скаменет сон, Дијалог.

Во потесен избор од пет книги жири–комисијата ги избра следните поетски остварувања (според азбучниот ред на презимињата на авторите):

        Со слободна рака од Јовица Ивановски

        Напишана тишина од Јосип Коцев

        Внатрешни планини од Владимир Мартиновски

        Јас. Елегии од Михаил Ренџов

        Жива вода од Наташа Сарџоска.

Составот на жири-комисијата, согласно Правилникот за работа, беше таен до донесувањето на конечната одлука.