Мицкоски се фокусира на враќање на меѓународната доверба на ВМРО ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од вчера се наоѓа на регионална турнеја,  во чии рамки ќе ги посети, покрај Словенија, и Хрватска и Србија.

Сепак неговите средби се ограничени на средби со традиционалните политички партнери во овие земји.

,,По посетата на Вашингтон, САД, Мицкоски, ја продолжи својата интензивна дипломатска активност отпочнувајќи неколкудневна агенда на посети на Република Словенија, Република Хрватска и Република Србија. Во текот на вчерашниот ден претседателот Мицкоски и потпретседателот Александар Николоски остварија средба со поранешниот премиер и сега лидер на словенечката опозиција и претседател на СДС Јанез Јанша. На средбата во Љубљана се разговараше за повеќе актуелни теми, врзани за можностите за меѓу партиска соработка, актуелната политичка состојба и стратешките интереси на државата врзани со членството во НАТО и ЕУ“-известува ВМРО ДПМНЕ.

Мицкоски му се пожалил на Јанша дека државата економски стагнира, а граѓаните секој ден живеат полошо.

,,Остануваат проблемите поврзани со недостатокот на демократскиот капацитет на власта за сто најдобар пример е политичкиот терор врз неистомислениците кој мора веднаш да престане“-рекол тој.

Мицкоски посочил дека Република Македонија мора да оствари реален напредок во поглед на европските интеграции, притоа потребно е да престане праксата на гол популизам на владата без суштински реформи во клучните области. Потребно е ангажирање на севкупните капацитети за остварување на реален напредок кој мора да биде вреднуван и од кој највекје корист ќе имаат самите граѓани, рекол Мицкоски.