Мобилниот телефон и надзорните камери ќе бидат клучни во пронаоѓање на убиецот на Јанушев

Полицијата има сознанија за еден од двајцата кои учествуваа во убиството на 28 годишниот Мартин Јанушев, вчера во скопската населба Аеродром, пред ,,Ред кафе“ и зградата кадешто живееше момчето.

Според извори во МВР, се сослушуваат сведоци и блиски на Јанушев, а главна цел на истражителите ќе бидат снимките од видео надзорот на околните трговски објекти, но и мобилниот телефон на несреќното момче. Истрагата утврдува со кого  последен пат контактирал поранешниот фудбалер.

Очевидци синоќа сведочеа дека убиениот најверојатно бил телефонски повикан да излезе пред зградата. Но, од МВР се уште се држат до кусото соопштение што го објавија утрината:

– Увид на местото на настанот извршила екипа од Секторот за внатрешни работи Скопје, а по наредба на јавен обвинител над телото на починатиот ќе се врши обдукција. Се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителот и за целосно расчистување на случајот, соопштуваат од МВР.

Според неофицијални информации, убиството на 28 годишниот Мартин го извршиле две лица, од кои едниот веќе и е познат на полицијата по серија тешки кривични дела, за што одлежувал и затворска казна.Некои портали одат до таму, што објавуваат фотографии и име од наводниот убиец на Мартин Јанушев.

Од друга страна пак, посочениот во текот на целиот ден интензивно постира негови фотографии со пријатели или со девојката од разни места во Белград.

МВР се воздржува од било каков дополнителен коментар додека трае истрагата.

Се дознава дека и братот и таткото на Јанушев работат во МВР.

Мартин Јанушев беше смртно застрелан со неколку куршуми во главата пред влезот на зградата кадешто живее.

АКО.мк