МПМ на дописниците не им исплаќа хонорари

Десетина дописници на медиумската компанија „Медиа Принт Македонија“ од јули годинава не добиле хонорар. Компанијата им должи од 20.000 до 100.000 денари, на секој дописник одделно. Новинарите се жалат дека веќе немаат средства за да продолжат натаму со работа. За нив е несфатливо, како може „МПМ“ да нема пари само за нивни хонорари, а редовно да се исплаќаат плати за вработените и хонорари на новинарите ангажирани во скопските редакции, што било случај минатата недела-пишува CIVIL.

mpm-3

„Медиа Принт Македонија“

„Ние сме новинари од трите весници: Дневник, Утрински весник и Вест. Работиме за сите медиуми, посветено со години. Најголем дел од нас се ангажирани дописници од основањето на овие весници. Проблемот со исплатата на нашите хонорари, станува хроничен. Секој ден сме на терен, ангажирани за сѐ,работиме на сите теми, ги извршуваме нашите работни задачи беспрекорно, сами ги сносиме трошоците на превоз, за телефон … Зарем не заслужуваме да ни се плати професионалниот труд“, велат новинарите.

Некои од нив се добитници и на награди за дописнички текстови. Нивни текстови се преземани и во медиумите во странство, зашто станува збор за квалитетни новинари, виртуози на својот занает, а за кои компанијата „МПМ“ не може да најде средства за исплата на хонорарите.

„На средбата со претставници од менаџментот неодамна, ни рекоа дека можеме да продолжиме со работа, доколку ни одговараат овие услови. И овој пат ни потенцираа дека компанијата се соочува со финансиски проблеми, затоа не ни се исплаќаат хонорари. Ни најавија наскоро решение, но кога? Ќе дојде нова година, а ние сме без пари“, реагираат дописниците на „МПМ“.

Доколку не им се исплатат итно заостанатите хонорари, новинарите најавуваат порадикални мерки.

Одговор на прашањето се обидовме да добиеме од надлежните во „МПМ“. Нѐ упатија во одделот за човечки ресурси, но таму никој не одговори на телефонските повици.

Трите дневни весници на „МПМ“ се медиуми, коишто според уредувачката политика се блиски до власта, особено по чистката спроведена последнава година, кога откази добија бројни новинари со критичко перо. Членови на менаџметот на „МПМ“ се меѓу истакнати јавни личности во државата, кои според „Форбс“ се на листата најбогати граѓани во Македонија.

Моника Талеска за CIVIL