После обвинувањата дека бил организатор на упадот во собранието, Горан Живаљевиќ во долго интеврју за српската „Хепи“ телевизија открива низа шокантни детали за крвавиот 27 Април.

Тој вели дека не само што не знаел дека ќе има упад, туку настаните ги следел од дома. Кога добил повик од српската амбасадорка дека нешто се случува се упатил кон собранието, со намера да види дали таму има српски екстремисти, што веќе било најавено.

На тие фотографии на кои тие луѓе влетуваат со маски и го тепаат Заев, има и човек со амблем на Хрватски вооружени сили, Игор Југ, и ако внимателно ја гледате снимката се гледа дека цело време ја држи раката зад грб. Според некои информации тоа е човек кој требало да го убие Зоран Заев. После таа почетна информација која ден два се задржа во медиумите, јас никогаш повеќе во медиумите не видов дали тој човек е уапсен, каде е. Сите служби во Македонија ги знаат имињата на десетте луѓе кои беа под маски, се уште ги следам македонските медиуми, јас не гледам дека прашуваат кои се тие луѓе, кој ги држел на врска.“ – вели Живаљевиќ. Зад демонстрациите не стоеле граѓански здруженија додава Живаљевиќ.

„Тоа се демонстрации на македонски патриотски организации, се разбира под контрола на ВМРО – ДПМНЕ.“ – вели тој.

Пред собранието немало полиција, а речиси сите биле внатре, Живаљевиќ влегол два часа после нападот врз пратениците, и го известил советникот за безбедност на претседателот Иванов, Синиша Алексовски, кој бил негов дотогашен офицер за врска со македонските служби.

„Јас му се јавувам, го прашувам што се случува, тој ми одговара не знам, еве требаше да патувам сега се симнав од авион во Охрид, јас му велам види, тука сум на лице место, следам што се случува, имаме најави дека можат да тргнат некои наши будали. Додека сум внатре, од Белград ме прашуваат дали ќе има вонредна состојба, бидејќи имав комуникација со господинот Алексовски, тој е советник на претседателот,а претседателот ска да воведе вонредна состојба, му праќам порака по вибер да го прашам дали ќе има вонредна состојба, тој ми одговара не, и веднаш стигна порака каде си,…. тогаш го правам првото селфи во животот“ – вели  Живаљевиќ.

Интересно е што во одговорот на кабинетот на Иванов, претходно се тврдеше дека Алексовски воопшто не одговорил на прашањето дали ќе има вонредна состојба, туку само го прашал Живаљевиќ каде е.  Живаљевиќ вели дека неговото присуство во собранието е искористено да се сврти вниманието од организаторите на нападот.

Живаљевиќ додава и дека со неговиот случај е прикриено и учеството на припадници на Агенцијата за разузнавање во собранието, и прашува како Синиша Алексовски одеднаш станал ненадлежен да биде известен за неговото присуство.