МТСП: 3000 стечајци опфатени со законскиот предлог усвоен на владина седница

На вчерашната седница на Владата на Република Македонија беше усвоен Предлог – Законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со доминантна сопственост на државата, во јавноста познат како ,,Закон за стечајци’’.

Предлог – законот предвидува да се опфатат невработени лица на кои им престанал работниот однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата после 1 јануари 1995 година, а заклучно со 31 декември 2016 година. Невработено лице може да се стекне со правото доколку ги исполнува следниве услови:

–  лице кое било најмалку 15 години во работен однос во претпријатија со доминантна сопственост на државата, утврден со М1/М2 обрасци;

–   му престанал работниот однос во претпријатие со доминантна сопственост на државата, по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок;

–  на денот на влегувањето во сила на овој закон е на   возраст од  најмалку 52 години (жена) односно 55 години (маж);

–  работниот однос му престанал заклучно со 31 декември 2016 година;

– остварило право на паричен надоместок по 1 јануари 1995  година    и  кое по остварувањето на правото на паричен надоместок не било вработено на неопределено време, односно работниот однос не му престанал по негова волја и вина.

Со ова законско решение се дава можност за материјално обезбедување на поголем број стечајни работници. Според проценките на Министерството за труд и социјална политика, ќе бидат опфатени околу 3000 лица, кои ќе добиваат 7596 денари месечно, за што се обезбедени средства во Буџетот.

Дел од одредбите од постојниот закон, со коишто се уредува ова прашање, ја завршија својата функција и дефакто немаат правна сила.

Со усвојување на новиот предлог – закон и негово доставување до Собранието, Владата на Република Македонија излезе во пресрет на долгогодишните барања на оваа категорија граѓани.