Од утре нека започне делот од македонската народна приказна …”И ТАКА СИ ЖИВЕЕЈА СРЕЌНО ДО КРАЈОТ НА СВОЈОТ ЖИВОТ”-напиша на својот ФБ профил генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски, на денот на гласањето од вториот круг од изборите.

Една од првите мерки кои ги објави Владата, односно министерот за финансии, Драган Тевдовски, беше зголемувањето на цената на нафтата.

Неговиот советник, инаку познат од протестите на Шарена револуција како главен критичар на богатите и тогаш, борец за правата на сиромашните и обесправените, сега од перспектива на владин службеник, исто така на ФБ, ги убедува широките народни маси дека е добро да се зголеми цената на нафтата.

Тој не убедува дека ние плаќаме најефтина нафта, но притоа заборава да каже дека земаме најмали плати во Европа.

Еве зошто треба да бидеме задоволни од зголемување на цената на нафтата:

Неколку работи околу акцизата на дизелот

1. Дизелот во Македонија е меѓу најевтините во Европа и убедливо најевтин во регионот. Литар дизел кај нас е околу 0.8 евра, во Бугарија и Косово е околу 1 евро, во Србија и Албанија околу 1.3 евра.

2. Разликата меѓу дизелот и бензинот кај нас е една од највисоките во Европа. Кај нас дизелот е поевтин од бензинот за околу 15-20%, во развиените европски земји нивните цени се приближно исти.

3. Акцизата на дизелот во Македонија е многу пониска од она што ЕУ го препорачува. ЕУ препорачува акцизата на дизелот да не е пониска од 33 евро-центи (20 денари), кај нас акцизата е 20 центи (12 денари).

4. Покачувањето на акцизата на дизелот може да придонесе за намалување на загадувањето. Со поскап дизел, на луѓето ќе им биде поисплатливо да користат алтернативни енергенси кои помалце загадуваат, како плинот.

5. Покачувањето на акцизата на дизелот нема да ги погоди најсиромашните. Дури 60% од сиромашните домаќинства во Македонија немаат автомобил. Најмногу ќе бидат погодени оние кои возат повеќе, а тоа се пред сѐ побогатите.

6. Покачувањето на акцизата на дизелот нема да доведе до општ раст на цените. Анализите покажуваат дека 3 денари повисока акциза на дизел ќе го зголеми општото ниво на цени за околу 0.2-0.3%.

7. Зголемувањето на акцизата на дизелот за 3 денари ќе донесе околу 30 милиони евра во буџетот. Тоа се 30 милиони евра повеќе за здравство, образование, социјална заштита, гасификација…пишува советникот Бранимир Јовановиќ.

А еве што зборуваше Бранимир Јовановиќ кога беше во левичарска фаза:

По што ќе се разликува Левица од останатите партии во Македонија, што формално се водат како лево-ориентирани?

Јовановиќ: Ние сме идеолошки јасно профилирани, како ниедна друга партија. Ние отворено истакнуваме дека застануваме на страната на сиромашните, работниците, угнетените, обесправените, маргинализираните. Да, во Македонија има и други партии кои имаат левичарски одредници во своите имиња, но овие партии со своето фактичко дејствување во минатото ги извалкале своите имиња и сè  уште не успеваат да расчистат со ова свое минато. Ние немаме вакви багажи. Членовите на иницијативата за формирање на Левица се млади луѓе, нови лица во партиската политика. Но, иако сме нови во партиската политика, не сме целосно непознати. Ние сме партија која се раѓа од активистичките организации и од протестните движења кои беа активни во државава во последните неколку години. Согласно со оваа наша историја, ние не би биле класична партија во поглед на организацијата. Нема да бидеме човек-партија, како постоечките мали партии, ниту султан-партија, како постоечките големи партии. Нема да имаме претседател, туку колективно претседателство, кое ќе биде ротирачко и лесно сменливо. Паралелно со ова, ќе се трудиме да бидеме максимално транспарентни и отчетни. Нема да бидеме водени од клиентелистичката филозофија, која наметнува масовно членство, чија работа е да обезбедува гласови за изборите, а за возврат да добива места во администрацијата или други привилегии. Ние, за разлика од постоечките партии, политиката ја сфаќаме како средство за служење на народот, а не како средство за задоволување на нашите финансиски интереси.(интервју Фокус,14 јануари,2016)

АКО.мк