Најдобар финансиски резултат ТВ Сител, најлош ТВ Телма

Според Анализата за пазарот на аудио и адиовизуелни медиумски услуги за 2015 година што ја изработи Агенција за АВМУ, од анализата на вкупни приходи и вкупни трошоци се гледа дека позитивен финансиски резултат оствариле три телевизии: ТВ Алфа (добивка во износ од 14,06 милиони денари), ТВ Алсат-М (0,10 милиони денари) и ТВ Сител (31,81 милиони денари). ТВ Канал 5 годината ја завршила со загуба од 9,50 милиони денари, а најлош финансиски резултат остварила ТВ Телма (загуба од 22,8 милиони денари). Најмногу пари од владини реклами инкасирала Сител, најмалку Телма. Вкупниот приход од рекламниот колач останува ист во изминатите неколку години кај сите пет приватни телевизии, со незначителни промени.

Вкупните приходи што ги оствариле телевизиите што емитуваат на државно ниво преку терестријален предавател изнесувале 1.297,85 милиони денари. Во споредба со претходната година, приходите на овие пет телевизии се зголемиле за 5,15%. Сите пет телевизии успеале да остварат повисоки приходи отколку во претходната година, и тоа ТВ Алфа за 21,14%, ТВ Алсат-М за 1,1%, ТВ Канал 5 за 5,42%, ТВ Сител за 0,65% а ТВ Телма за 9,54%.

%d0%bf%d1%80%d0%b8%d1%85%d0%be%d0%b4%d0%b81

Владино рекламирање

Највисоки приходи остварила ТВ Сител – 541,80 милиони денари, односно 41,75% од вкупните приходи на овој сегмент од телевизискиот пазар. Вкупните приходи на ТВ Канал 5 износувале 291,86 милиони денари (22,49%), на ТВ Алфа – 197,11 милиони денари (15,19%), на ТВ Алсат-М – 166,06 милиони денари (12,79%), а најмал дел од вкупните приходи, односно само 7,78% биле приходите на ТВ Телма во износ од 101,02 милиони денари.

Рекламирање и спонзорства

94,53% од вкупните приходи на овие пет телевизии биле остварени од продажба на времето за рекламирање, 0,50% од спонзорства, а останатите 5,97% од „останати приходи“, приходи од други дејности и вонредни приходи. Само ТВ Алфа прикажала приходи од спонзорирање на емисиите или на делови од емисиите. Табела 7.

Од емитување рекламни спотови овие пет телевизии оствариле вкупно 1.226,86 милиони денари (76,34 милиони денари повеќе отколку во претходната година). Само ТВ Алсат-М остварила помалку приходи отколку во 2014 година (за 2,57%). Останатите четири телевизии оствариле повисоки приходи од рекламирање и тоа ТВ Алфа за 25,05%, ТВ Канал 5 за 5,45%, ТВ Сител за 1,27% и ТВ Телма за 30,97%.

Рекламни спотови

ТВ Сител успеала да привлече 43% од буџетите за рекалмирање на овој сегмент од телевизискиот пазар (533,5 милиони денари), ТВ Канал 5 остварила 21% (267,10 милиони денари), а ТВ Алфа 15% (188,19 милиони денари). Од продажба на времето за рекламирање ТВ Алсат остварила 145,22 милиони денари, што претставува 12% од вкупните приходи од рекламирање на овие шест субјекти. Учеството на приходите што од рекламирање ги остварила ТВ Телма (92,85 милиони денари), изнесува 7%. Најмал дел, само 2% од приходите од рекламирање на овие шест телевизии остварила Македонската телевизија (25,56 милиони денари).

Вкупните приходи од реклами не се менува

Во последните три години, поеднечното учество на овие шест телевизии во вкупните приходи од рекламирање, речиси воопшто не се менувало. Од 2013 година наваму, ТВ Канал 5 остварувала по 21% од вкупните приходи од рекламирање на овој релевантен пазар, а ТВ Алсат – М по 12%. Во 2013 и во 2014 година, ТВ Телма остварувала по 6%, а во последната година 7% од вкупните приходи од рекламирање. Исто така, мали и незначителни разлики, од по еден процентен поен се забележуваат кај учеството на приходите на ТВ Сител (во 2013 година 45%, во 2014 година 44%, а во 2015 година 43%) и кај ТВ Алфа (во 2013 година 14%, во 2014 година 13%, а во 2015 година 15%).

Вкупни трошоци

Вкупните трошоци на овие пет телевизии изнесувале 1.269,06 милиони денари. Само ТВ Алфа потрошила помалку средства отколку во претходната година (за 4,38%). Останатите четири телевизии ги зголемиле трошоците и тоа: ТВ Алсат-М за 1,53%, ТВ Канал 5 за 7,34%, ТВ Сител за 10,38% а ТВ Телма за 17,59%. И оваа година највисоки трошоци направила ТВ Сител (505,81 милиони денари, односно 39,86% од вкупните трошоци на овие пет телевизии), што е повеќе отколку заедничките трошоци на ТВ Алфа, ТВ Алсат-М и ТВ Телма (470,59 милиони денари).

%d1%82%d1%80%d0%be%d1%88%d0%be%d1%86%d0%b82

Најголем дел од вкупните трошоци биле направени за набавка на програма (44,66%). Во секоја од последните три години, најголем дел од трошоците биле направени за набавка на програма, но забележително е дека нивното учество во вкупните трошоци од година в година се зголемувало (во 2014 година изнесувале 41,41%, а во 2013 година 28,53% од вкупните трошоци). Секоја година се зголемувале и апсолутните износи на овие трошоци: во 2013 година изнесувале 315,49 милиони денари, во 2014 година 492,24 милиони денари, а во 2015 година 556,81 милиони денари.

За набавка на програма ТВ Сител потрошила повеќе средства отколку останатите четири телевизии заедно. Во анализираната година, само ТВ Канал 5 ги намалила трошоците за набавка на програма (од 102,61 милиони денари во 2014 година на 90,84 милиони денари во 2015 година, односно за 11,47%). Останатите четири телевизии ги зголемиле овие трошоци: ТВ Алфа потрошила 97,55 милиони денари (23,24% повеќе отколку во претходната година), ТВ Алсат-М 34,10 милиони денари (4,85% повеќе), ТВ Сител 300,12 милиони денари (26,25% повеќе), а ТВ Телма 44,20 милиони денари, односно за 9,87% повеќе отколку во претходната година. 19,5% од вкупните трошоци претставувале платите и другите надоместоци на ангажираните лица.

Трошоци за вработени

Најмногу средства за надоместоци за вработените издвоиле ТВ Алсат-М (67,84 милиони денари) и ТВ Телма (51,63 милиони денари), а речиси подеднакво потрошиле ТВ Сител (42,96 милиони денари), ТВ Алфа (42,92 милиони денари) и ТВ Канал 5 (42,22 милиони денари). Високото учество на „сите останати неопфатени трошоци од работењето“ се должи на високиот износ на трошоци од оваа категорија што ги прикажала ТВ Канал 5 (117,91 милиони денари). Речиси 60% од трошоците за амортизација на опремата ги прикажала ТВ Сител (36,58 милиони денари).

Вкупни приходи и вкупни трошоци

Позитивен финансиски резултат оствариле три телевизии: ТВ Алфа (добивка во износ од 14,06 милиони денари), ТВ Алсат-М (0,10 милиони денари) и ТВ Сител (31,81 милиони денари). ТВ Канал 5 годината ја завршила со загуба од 9,50 милиони денари, а најлош финансиски резултат остварила ТВ Телма (загуба од 22,8 милиони денари).

Податоци од Агенција АВМУ