Најмалку 10 години затвор за делото за кое се товарат уапсените за насилството во Собрание

„Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години. “

Ова стои во членот 313 од Кривичен законик.

Основното јавно обвинителство за гонење на  организиран криминал и корупција по преземање на сите дејствија за утврдување на фактите во врска со настаните  кои се случија на 27 април 2017 година во Собранието на Република Македонија ја заврши предистражната постапка.

По разгледување и анализа на прибраниот доказен материјал, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против  триесет и шест лица поради  основано сомнение за сторено кривично дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста од член 313 од Кривичниот законик.