На Бонева и на Срцев не им требале парите за свеќи и пченица, на Јакупи не му е веќе лезет да ги троши

Сашо Срцев, член на ДИК од ВМРО-ДПМНЕ, вели дека е изненаден од посочувањето со прст на комисијата како за школски пример на корупција од страна на американскиот амбасадор, Џес Бејли.

„На нас останува дали ќе се избориме оваа одлука ќе остане или ќе ја промениме. Спремен сум да дадам оставка ако се утврди дека сум постапил спротивно на закон, а се надевам дека медиумите и јавноста на ист начин ќе ја следат работата и на другите државни органи. На моето семејство не му требаат пари за свеќи и за пченица и ќе ги вратам овие пари” рече Срцев правдајќи се дека тие работат законски и не направиле никаков прекршок.

По завршување на седницата, на новинарско прашање дали ќе ги врати парите, Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ кажа: „Колегата кажа дека ќе ги вратиме парите, и мене не ми требаат пари за свеќи и за пченица“-рече Бонева.

Не се чувствувам виновна што сум ги зела парите бидејќи ги заслужувам, но ќе ги донирам да му се најдат на тој што му требаат, изјави Виолета Дума, член на Државната изборна комисија.

Според Дума, членовите на ДИК и претседателот на Комисијата имаат право на надоместок за работата надвор од работното време.

Таа исто така направи цинична забелешка при преминувањето на втората точка од дневниот ред, на воведот на Чичаковски дека заради енормниот интерес на јавноста сега ќе се дискутира и за бонусите.

-Јас мислев дека јавноста ќе се заинтересира повеќе за извештајот и за тоа што сме го сработиле, -рече Дума

Членот на ДИК предложен од ДУИ, Субхи Јакупи, рече дека ќе ја поддржи одлуката за враќање на надоместоците, и како што рече после сите негативни реакции, кои не ги заслужиле, веќе не му е интересно и нема лезет да се трошат тие пари.

-Мојот труд не се цени,  па затоа земам и надоместоци. Инаку ја поддржувам идејата за враќање на бонусите – рече тој.

Сите членови на ДИК, едногласно си ги доделиле и едногласно се бранеа за постапката. Без оглед на етничка и партиска припадност.

АКО.мк