На Германија и недостасуваат 691.000 работници

Во Германија бројот на слободни работни места, според најновите податоци, достигна рекордни 691.000.

„Посебна потреба за дополнителни работници забележана е во секторите за социјални грижи, малопродажбата и подготовката и доставувањето на храна и во градежната индустрија“, вели првиот економист на Германската развојна банка, Јерг Цојнер.

Во Владата очекуваат дека бројот на вработените оваа година во Германија ќе достигне рекордни 43,6 милиони, а идната 44 милиони.

Тоа би требало да ги зголеми буџетските приходи и со тоа да му овозможи на официјален Берлин поголема државна потрошувачка или намалување на даноците, пренесува Ројтерс.

Германија и оваа и минатата година регистрираше доаѓање на повеќе од еден милион странци, главно од земјите зафатени со војна, од Сирија, Ирак и Авганистан.

Владата и сојузните држави во оваа година издвоиле повеќе од 20 милијарди евра за нивно сместување и интеграција.