На Гинекологија од почетокот на годината починале 127 бебиња

На ГАК  во Скопје , од почетокот на годината до 30 септември полинале 127 бебиња, објави денеска директорката на ДСЗИ Ирина Сотирова Бухова. Но притоа е потенцирано дека оваа клиника е единствената во земјата којашто  се грижи за пациенти со ризична бременост и за предвремено родени деца.

Според Бухова, Државниот санитарен и здравствен инспекторат спровел вонредна контрола на барање на директорката на ГАК, Викторија Јовановска, пришто с еконстатирани низа недоследности во однос на просторните и кадровските услови и опременоста.

– На Одделението за интензивна и постинтензивна нега има зголемен обем на работа во однос на кадровските и просторните капацитети. Сместени се по две новороденчиња во еден инкубатор, односно во 25 инкубатори во моментот имало 49 новороденчиња. Во Одделот за интензивна и постинтензивна нега нема доволен број медицински сестри. Во прва смена за новороденчињата се грижат четири сестри и двајца неонаталози. Во втора смена се ангажирани четири сестри, двајца неонатолози и еден педијатар. Клиниката има недостаток од анестезиолози, медицински сестри, акушерки и сестри инструментарки, рече директорката на ДСЗИ.

Таа посочи дека вкупно на ГАК се вработени 300 лица, од кои 86 се доктори-специјалисти, 125 акушерки, 60 медицински сестри и 29 лаборанти.

Инспекторите утврдиле и дека има недоволен капацитет на системот за вентилација за свеж воздух и на системот за терморегулација,  протекување на  покривот на зградата на клиниката поради што е констатирано присуство на влага , се користат стари стерилизатори за пелени, а во лактариумот не е обезбедена проточна вода.