Во Косово уапсени седум лица осомничени за тероризам

Косовската полиција соопшти дека  уапсила седум лица заради сомнение дека извршиле “тероризам и кривични дела против уставниот поредок и безбедноста на Косово“.

Акцијата ја извела Управата на полицијата на Косово за сузбивање на тероризмот во соработка со Специјалното обвинителство на Косово и со поддршка на специјалните единици.

Соопштено е дека во текот на таа акција е запленета „опрема“ и „други докази значајни за случајот“.
На уапсените им е определена мерка притвор од 48 часа.

Портпаролот на полицијата, Баки Кељани, за медиумите изјавил дека полицијата проценува дека ситуацијата е мирна и стабилна.

„Уапсените лица сега се пред органите на редот. Косово се смета за стабилна и мирна држава, и покрај инцидентите кои понекогаш се случуваат. Ние немаме индиции за некои потенцијални опасности“, рекол Кељани.