Неколку минути пред 9 часот, 5 јануари 2018 година. Попова Шапка. Бие камбаната од црквата која е лоцирана на падините на Шара, речиси на скијачките терени. Оваа црква е направена на почетокот на деведесетите години на минатиот век, а е осветена во 1993 година.

Наскоро, туристите во нашиот најголем зимски туристички центар, но и оние што имаат викенд куќи, ќе ги буди гласот и на оџата, од разгласот што ќе се пушта од минарето, кое е во фаза на изградба.

На Попова Шапка покрај веќе изградената црква со конаци, никнува една од најголемите џамии во овој реон.

Лоцирана на почетокот на викенд населбата, од левата страна на патот, на стрмна локација која се надвиснува од горе, чиниш секој момент ќе падне врз минувачите. Но тоа само така личи. Џамијата се гради со сите нишани, габаритна, а она што е дополнително невообичаено е што голем дел од територијата каде што се гради таа, е оградена со камена и со железна ограда.

Контроверзите околу изградбата на оваа џамија, не се решени, но изградбата интензивно се одвива 6 месеци. Камен темелникот беше поставен на 19 јуни 2017 година и покрај тоа што немаше градежна дозвола.

Сопственици на викенд куќи на почетокот се бунеа, најавуваа и кривична пријава затоа што се узурпира една од најатрактивните и впечатливи локации на Шапка без градежна дозвола, но замолчеа во меѓувреме. Нема ниту информации дали инвеститорот, ИВЗ и донатори, обезбедиле граджна дозвола и како, ако ја обезбедиле. Градоначалничката Теута Арифи срамежливо најавуваше дека нема да се дозволи дива градба, но и таа сега молчи.

Џамијата никна  како реакција на веќе изградената црква, велат некои наши соговорници кои често престојуваат на Шапка.

Манастирскиот комлекс пак, ,,Свети Наум Охридски чудотворец“ започна да се гради на 3 јули 1992 година,кога се изврши чинот на осветување и полагање на камен темелник, со што и официјално се отпочна со градба на манастирската црква, на 3 јули 1993 година беше извршен чинот на мало осветување на црквата, а воедно и поставен камен темелник за изградба на новите конаци и камбанаријата, а на 3 јули 1995 година црквата беше осветена заедно со влезните врати на овој манастирски комплекс .

Манастирскиот комплекс зафаќа површина од еден и пол хектар, а манастирската црква, со  димензии 50 м2 во основа, зазема централно место во комплексот, на надморска височина од 1730 м. што ја вбројува меѓу неколкуте цркви на најголема надморска височина на Балканот. Посебно е внимавано црквата да ги задоволи сите барања за нејзината намена и за целосна вклопеност во пејзажот на планината, остварено и преку обликување на фасадата од необработен камен ваден од самата месност, стои во податоците за ова црковно здание.

Иницијаторите ја правдаа одлуката за градба со податокот дека според историските записи уште во X и XI век селата на Шар планина, посебно оние околу Попова Шапка биле со православно словенско население. Како духовен центар во месноста “Плоча” на Шар Планина постоел манастир посветен на “Света Богородица”. Во записите, грамотите и другите историски документи се наведува дека овој манастир настанал во XII односно XIV век. Во еден запис стои дека во 1641 година, манастирот е возобновен и возобновувањето траело сe до 1646 година кога негов игумен бил монахот Јоаким, еден меѓу 14-те тогашни големи игумени на овие простори во чие време манастирот достигнал висок напредок на економски, црковно-просветен и културен план. Градбата на овој манастирски комплекс е своевидно обновување на едно од бројните насилно уништени православни светилишта на Шар Планина, стои во историските податоци за изградбата на манастирскиот комлекс на Попова Шапка.

Сега, изградбата на исламскиот верски храм во нашиот најголем туристички зимски центар, се правда со потребата на верниците кои престојуваат тука. Факт е дека поголем дел од куќите ги сменија сопствениците, изградени се уште многу нови, но факт е и тоа дека ова е викенд населба, во која се престојува повремено, како место за одмор и рекреација. И треба да биде зимски туристички центар , каде е најважно да има добри ски терени и ски лифтови. Но, за тоа се води најмалку сметка и најмалку се инвестира во тоа. И покрај редовните ветувања за време на секои избори. Оние постарите вљубеници во Шара и на скијањето  , паметат дека во времето на СФРЈ, имаше жичница со кабини, која водеше од Тетово до Попова Шапка. Сега сето тоа е уништено. Се користат истите ски терени трасирани уште во времето на Колишевски и на Тито. Старите хотелски комплекси се уништени. Нивните запуштени објекти зјаат празни. Војската се повлече заради реорганизација на Армијата и некои нови воени стандарди.

Она што е за пофалба е што отсекогаш патните служби добро и навремено го чистат патот. Ратраците се трудат да ги одржат ски терените, иако никој досега не инвестираше во топови за вештачки снег, без што не се прави сериозен зимски туризам. И долго, многу долго некој спомнуваше дека Шар Планина ќе биде прогласена за Национален парк. Но, како тогаш ќе се гради без градежни дозволи?

Сега, куќите никнуваат буквално насекаде низ планината. Но, да се вратиме на Попова Шапка. Да, таа е полна со туристи. И тие прво што прават, одат на ски терените. Не во црква, не во џамија.

Па, на здравје скијање.

Емилија Лазаревска