На Фени индустри му треба долг период да закрепне

Во изминатите 15 месеци поради ниската цена на феро никелот на светските берзи, Фени Индустри АД се наоѓа во незавидна состојба и западна во најдолга економска криза од своето постоење, бидејќи цената на никелот не била на такво ниско ниво во толку долг период никогаш претходно. Од страна на менаџментот и сите вработени во Фени Индустри АД се вложуваат големи напори и се преземаат сите мерки фабриката да продолжи со работа и да се задржат вработените на работните места, велат од синдикалната организација на комбинатот за никел Фени Индустри од Кавадарци по информациите во јавноста, за наводни лоши актуелни случувања во фабриката.

-„ Поради ваквата состојба на одреден број вработени им прекинаа договорите за вработување, а одреден број беа прогласени за технолошки вишок. Синдикалната организација има постојана комуникација и транспарентен однос со менаџментот што не беше случај во минатото. Токму заради добрата соработка и достапноста на раководителите на Фени, Синдикатот во текот на преговорите стори се во негова можност бројот на вработените кои ќе бидат отпуштени од работа да биде што помал. Во соработка со менаџментот успеа тој број на вработени планирани за технолошки вишок да го намалиме уште за 30%. При претходните прогласувања на технолошки вишок во Фени бројот на отпуштени работници бил драстично поголем и се движел од 150 – 200 работници, вели Ѓоре Палитов, прв човек на синдикалната организација.

Оттаму посочуваат дека засега менаџментот се справува со предизвиците пред кои се наоѓа комбинатот, исплатата на работниците е редовна согласно законските прописи, а на последната плата имало и мало зголемување, за кое се надеваат дека во идниот период ќе биде уште поголемо. Гласините кои се објавуваат во електронските медиуми дека фабриката се распродава и дека сопствениците не вложуваат никакви средства во фабриката, според Палитов, се невистинити.

-„Имено од фабриката не е продаден никаков имот, а менаџерскиот тим за целиот изминат период од 15 месеци во кој се работеше со загуба, како и загубите направени од недомаќинското работење на предходното раководство ги покриваа со намера фабриката да не биде затворена. Воедно цената на фероникелот почнува да закрепнува на светските берзи што е добар знак дека во иднина можеме да очекуваме добри резултати во работењето на Фени Индустри, поголеми плати, а и враќање на работа на работниците кои беа испуштени од работа во текот на кризата“,-вели првиот синдикалец на Фени.

Тој се надева дека Фени Индустри ќе ја преброди економската криза и понатаму ќе продолжи да биде водечка компанија во Република Македонија, па и пошироко.

Билјана Н. Тошевски