На Халкидики било едно од скривалиштата на Грујевски и Бошкоски

Македонската полиција повеќе од еден месец имала информации за местото на престој на двајцата бегалци, дознава Дојче Веле. Наводно се криеле на Халкидики, па во Солун, а на крајот се обиделе да заминат на нова дестинација

Во Грција вчера биле упсени поранешните функционери во УБК, Горан Грујевски и Никола Бошковски, и двајцата обвинети од СЈО за предметот „Тврдина и таргет“,  за незаконско прислушување на илјадници граѓани преку злоупотреба на системите за следење во МВР и за физичко уништување на дел од таа опрема. Крај на нивното тримесечно бегство ставила грчката полиција, која постапувала по меѓународната потерница што ја објави македонското МВР,  откако во јули не ги пронајде во нивните домови за да ја спроведе наредбата на судот за мерка притвор за двајцата. Според неофицијални информации, двајцата наводно биле уапсени на аеродромот во Солун, од каде што планираале да отпатуваат со фалсификувани бугарски патни исправи.

Како што неофицијално дознава ДВ, македонската полиција повеќе од еден месец имала информации за местото на престој и движењето на двајцата бегалци. Наводно, пред два-три дена високи претставници на македонската и грчката полиција имале и заедничка средба на која биле разменети последните информации за овој случај, по што следело апсењето на Грујевски и Бошковски од страна на грчката полиција.