На 24 ноември ќе му се суди на македонскиот почесен конзул во Шпанија за убиство на неговите деца

Случајот со шпанскиот стоматолог Марио-Цезар Деус Јела, обвинет за убиство на неговите близнаци во Кејп Таун во Јужноафриканска Република, е префрлен за судење во Високиот суд на оваа држава , а почетокот на судскиот процес е закажан за 24 ноември.

Деус Јела,  е застапуван од адвокатот Вилијам Бут,  а се соочува со сериозни  обвиненија за убиство, откако неговата поранешна сопруга Џулија Енгелхорн ги пронајде своите близнаци, Октавиа и Максимо, мртви во комплексот за одмор во заливот Хаут на 6 април.
Тој, исто така, е обвинет за кражба на нејзиното возило и за наводна закана дека ќе ја убие со нож.

Македонски почесен конзул во Барселона, Марио Деус,  во април годинава беше уапсен во Јужна Африка како осомничен за убиство на неговите тригодишни близнаци.

Деус не е дипломат од кариера, туку бизнисмен кој има почесна конзулска улога.

Да потсетиме,  јужноафриканската полиција соопшти дека мајката на децата ги пронашла нивните безживотни тела во вилата во Кејп Таун.

„Кога таа пристигнала во вилата во близина на Кејп Таун, нејзиниот сопруг и татко на двете деца,  со возило веднаш избегал, но набргу е уапсен во предградие во главниот град“, соопшти во април портпаролот на локалната полиција.

Деус во септември првпат  се појави пред судот, каде се соочи со две обвиненија –  убиство и кражба на возилото со кое бил во бегство.

Почесните конзули најчесто се претприемачи или бизнисмени, кои претставуваат одредена земја во регион во кој државите се малку присутни или имаат мало влијание. Вообичаено, тоа се државјани на земјата во која се почесни конзули, а улогата ја добиваат поради добрите односи со властите и со бизнис-заедницата во која живеат. Тие можат да бидат почесни конзули на повеќе држави истовремено и имаат ограничени конзуларни функции.

Според податоци на  Министерство за надворешни работи, Марио Сезар Деус е почесен конзул на Македонија во Барселона од 6 декември 2012 година.
Деус беше познат стоматолог во Барселона, а неговото име фигурираше и како директор на уште една приватна фирма.

Македонската Влада дури сега покрена постапка за негово отповикување.

Министерството за надворешни работи до владата ќе достави предлог за затворање на Почесниот конзулат на Република Македонија во Кралството Шпанија, со седиште во Барселона, со Предлог-одлука, како и предлог за отповикување на Почесниот конзул на Република Македонија во Кралството Шпанија, со седиште во Барселона, соопшти прес службата на Влада на РМ.

АКО.мк