,,Како проектот „Скопје 2014“, така и муралот на плоштадот „Скендербег“ претставува повеќекратна злоупотреба на уметноста“, смета универзитетскиот професор по историја на уметноста, Небојша Вилиќ.

Според него, запрепастува иконографијата којашто е употребена, чија композиција е само ретро принцип и повикување на пропагандно едукативна функција на уметноста на иконографијата на соц-реализмот и уметноста на национал-социјализмот од првата половина на минатиот век. Тој забележува дека, истиот принцип, не е примерен за уметничко искажување во 21 век и може да се смета како примитивен степен на разбирањето на улогата и функцијата која уметноста треба да ја има денес.

Муралот е поблизок до уметноста на националсоцијализмот во Германија. На овој мурал Албанецот е единствениот носител на „чистата“ етничка компонента во суверенитетот на „татковината, смета Вилиќ. Како главен аргумент за оваа теза може да се земе пренагласената доминација на албанското знаме и грб и присуството на алегоријата на Албанија, изразено како млада девојка која го оплакува мртвиот јунак на левата страна и вториот пат како „Прометеј“ ја носи светлината на десната страна.

„Од друга страна, востановената шема за раскажување на патриотскиот наратив е дополнителниот елемент кој го прави ова дело некреативно и банално. Низ седум композициски полиња се раскажува историјата на Албанија и на албанскиот народ. Во случајов, не е толку спорна потребата таа историја да се раскаже, туку начинот на кој е таа раскажана, односно, најпоедноставеното ниво на разбирливост: со употреба на групни сцени од историските настани и на групи портрети на заслужни Албанци, со цел – наративот да биде или да може да биде разбран и од најнеукиот Албанец (бидејќи нему најмногу му треба да му се обрати ова остварување), но и на секој друг“, коментира Вилиќ, во интервју за Гласник.

Според Вилиќ, овој пристап на уметничко остварување кој ја раскажува приказната за реализација на идејата за Албанија може да се смета и како навреда за Албанецот. Површниот стил, вели тој, може да биде заменет со кодови, коишто ќе прикажат различни облици на диверзитет на призмата за Албанија и Албанецот. Овој стил претпоставува дека Албанецот е нееманципиран и неспособен да ги прочита кодовите на уметничкиот облик со една историска и политичка приказна за нацијата.

„Скопје 2014“ е идентичен со проектот „Плоштад Скендербег“

Причината што и двата проекти „Скопје 2014“ и „Плоштадот Скендербег“ поаѓаат од концептот на барање на потеклото за потврдување на легитимитетот и легитимноста на државотворноста, ги прави идентични. Формата на раскажување, методот на biblia pauperum (Библија за неписмените), мешањето на историските концепти и суштини се насочени кон засилување на етничкото, та оттаму и националистичкото чувство и употреба на наједноставни уметнички постапки. Вака професорот прави паралела помеѓу двата проекти.

„Сè тоа е со или заради настојувањето на истото – да му се пристапи на етничкиот сонародник, секој во својата група, на најнепосреден и наједноставен начин со цел во него да поттикне силно етничко, но и националистичко чувство за посебноста на сопственото потекло и – идентитет, без разлика што со тоа се преконструира нов или друг идентитет, односно, се оди на реидентификација на веќе еднаш создадениот конструкт“, додава тој.

Граѓаните немаат заедничка приказна

Претходните коалициски партнери ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ ја отфрлија шансата да изградат заеднички наратив на вклученост. Нивната варијатна е таа на засебноста и ексклузивноста. Народот е поделен на „наши“ и „ваши“ преку симболичките локации на плоштадите, заклучува Вилиќ.

Извор:Гласник.мк