Во емисијата Стадион на Канал77, иницијаторите за реформи во ВМРО ДПМНЕ Александар Михајлоски, Петар Богојески и Александар Стојчевски ги изложија своите ставови и предлози за реформи на ВМРО ДПМНЕ. Еден од слушателите што се јавија директно во емисијата беше и еден од основачите на ВМРО ДПМНЕ Мане Јаковлевски, кој ги праша гостите во емисијата зошто плукаат по партијата во јавност.Тој ги обвини дека се предавници и дека сега работат на доуништување на ВМРО ДПМНЕ. Рече дека и тој е за реформи во партијата, но заедно со Груевски , и дека тој е најгласен дека партијата мора да се реформира од внатре. Реформаторите се спротиставија на обвинувањето на Јаковлевски дека се предавници и го прашаа дали него не му пречи атмосферата на поделби која го скара со неговиот роден брат Гојко Јаковлевски, кој практично вчера фотографирајќи се со иницијаторите на реформите во ВМРО ДПМНЕ и ги поддржа јавно.

 

Мане Јаковлевски побара тројцата иницијатори да не му се мешаат во неговите фамилијарни работи, и како што рече, тој нема кавга со брат му за имот , туку тие во овие моменти идеолошки се разидуваат по многу прашања за состојбата во ВМРО ДПМНЕ. Делот во кој разговараат Јаковлевски и реформаторите е на 1 час и 1 минута од почетокот на емисијата која трае речиси 2 часа.

Сепак, иницијаторите за реформи на ВМРО ДПМНЕ во ниту еден момент не ги осудија криминалите на раководството на ВМРО ДПМНЕ, побараа презумпција на невиност. Не го критикуваат најскапиот и најконтроверзен проект Скопје 2014, не размислувале дали местото на спомемникот на Ќосето му е пред судот и дали треба да се дислоцираат и други споменици.

Емисијата Стадион на Канал77 ја води новинарот Столе Наумов.