Николов: Тунтев ќе ни покажува среден прст се’ додека претседателот на Собрание не ги спроведе препораките на ДЗР

Марјан Николов, претседател на Центарот за економски анализи, реагира на изнесените тврдења на претседателот на Собранието, Талат Џафери, во емисијата ,,Отворено“, на ТВ24, дека тој не може да биде истражен орган и да проверува дали пратениците ги злоупотребуваат патните трошоци. Неколку ревизорски извештаи во минатото покажале дека од буџетот на Собрание, за кој е директно одговорен претседателот на Собрание на РМ, се одлеваат огромни суми, а за кои ревизијата има сомнеж дека се предмет на злоупотреба од страна на пратениците. Ревизорот констатирал дека претседателот е тој што е надлежен за контрола на трошење на буџетот и препорачал да ги преземе сите потребни мерки за утврдување на фактичката сосотојба:

„Тоа го покажале ревизиите  што се направени во периодот 2009-2011 и 2016 година, а се однесуваат на основниот буџет за претходната година. Во сите три ревизорски извештаи ДЗР ја нагласува потребата за ревидирање на поставената практика на пратениците за себе да прибавуваат финансиски надоместок за користење на приватно возило за службени цели, кој не соодветствува со нивните реални трошоци, но  препораката не се спроведува од страна на Собранието“-вели Николов.

Значи, не станува збор за оние случаи за кои СЈО има основано сомневање дека прават кривични дела со стекнување на финансиски надоместок со лажни патарини. За нив СЈО веќе почна постапки, но не е лошо и Основно јавно обвинителство да ги земе извештаите на Државен завод за ревизија и да тргне по стапките на СЈО, вели за АКО.мк, Марјан Николов.

Оттука, арогантноста на пратеникот на СДСМ, Томислав Тунтев, е покажување на среден прст на сите нас, даночни обврзници, бидејќи тој не е глупав, па да не знае дека прибавувањето на паричен надоместок од државен буџет кој не соодвествува со реалните трошоци, е кривично дело, вели Николов и додава:

,,Тунтев е срам за професијата пратеник со неговото лакомо и недолично однесување кон нас граѓаните кои плаќаме даноци за да може тој да ги ужива тие привилегии“.

Претседателот на Собрание пак, нека не се прави неук, изјавувајќи ноншалантно дека тој не бил истражен орган, туку нека ја впрегне администрацијата да му изработи измени во правната регулатива врз основа на барањата на ДЗР, заклучува Николов.

 

АКО.мк