Новата локална власт во Општина Аеродром го раскина договорот со компанијата на Самсоненко

 

„Договорот за изградба на тениски игралишта со компанијата „Тенис парк“, во сопственост на Самсоненко, не е во интерес на граѓаните. Договорот предвидува Општина Аеродром и Градот Скопје целосно да го ослободат инвеститорот од плаќање комуналии, а притоа граѓаните да добијат многу мали бенефиции за користење на игралиштата“ ја соопштија одлуката од  Општина Аеродром, донесена на првата конститутивна седница на Советот.

Сергеј Самсоненко, со претходниот градоначалник Ивица Коневски, меѓу другите, успеа да склучи договор и да добие атрактивно земјиште за изградба на нови тениски терени и други придружни објекти на кејот на реката Вардар, во близина на веќе постојниот хотел ,,Русија“ и другите тениски терени.

Договорот беше склучен на  35 години, предвидуваше користење на концесија за земјиштето, без никаков надомест. Самсоненко бил ослободен од плаќање комуналии во висина од еден милион евра.

Било предвидено граѓаните  бесплатно да користат само едно игралиште и тоа во ограничено време, а требало да се изградат четири тениски терени на тврда и четири терени на земјена подлога, кафе – бар, супермаркет, игротека за деца и други содржини. Вкупната вредност на инвестицијата била 2 милиони евра.