Новинарска катарза

Пишува:Емилија Лазаревска

 

Скандалозно ќе беше ако Мишко Иванов не ја кажеше констатацијата за сервилноста на К5, Сител, Алфа, секако и домаќинот на дебатата Јавниот сервис МТВ, во изминатиот период на владеење на ВМРО ДПМНЕ. А да, и ТВ Нова, која се приклучи подоцна, но со интензитетот на сервилност и пропаганда, многу брзо ги стаса. Да не заборавиме дека и Лупевска долги години работеше во прорежимската К5, каде паметиме како изгледаше нејзиниот ,,придонес“ ноќта кога полицијата упаѓаше во А1 тв , патем правеше емисија финансирана и од Министерство за култура, ако не се лажам. Сега, лесно е да се претставува како некој што доаѓа од професионална телевизија, уште и во улога на Одговорен уредник. Тие го наследија професионализмот што некој друг го градеше таму 17-18 години и тоа во исклучително тешки услови на шиканирање, игнорирање, притисоци од страна на ВМРО ДПМНЕ.
Можеби Зоран Заев како политичар и прв човек во државата, мора и на овој начин да работи на помирување и враќање на доверебата во институциите, но ние како фела, како новинари и на крајот како луѓе кои свесно се изложувавме на стресови, ризици, па и прогон, а со тоа и нашите семејства ги стававме во незавидна положба, ниту смееме , ниту можеме да заборавиме кој на која страна од новинарските барикади беше.
Во име на вистината и професионалното новинарство, должност ми е да кажам дека  не може едноставно да прифатиме како ништо да не било и да се правиме дека сме заборавиле каков беше придонесот на Чашуле, Трендафилова(дупло-ТВНова и претходно МТВ), Арсова,Трпчевски во урнисувањето на нашата професија и слугувањето кон криминалниот режим на Никола Груевски.
Ќе споредам со следните хипотетички примери: доколку доктор – хирург јавно и на отворена сцена ги крши принципите на својата работа, како што тоа го правеа горе посочените и други нивни колеги, пациентите ќе умираат. Туку така ќе може да продолжи да оперира како ништо да не се случило? Доколку инспектор во МВР место да ги апси, соработува со нарко картелите и притоа тоа јавно го прави, како горе посочените и нивни колеги, ќе биде уапсен или ќе продолжи да се ,,бори“ против нарко мафијата како ништо да не било?
Голем број наши ,,колеги“, како и горе посочените, ги кршеа принципите на професионално и објективно известување на јавноста и свесно, заради лични потреби и корист, во текот на 11 годишно владеење на ВМРО ДПМНЕ, даваа искривена слика за случувањата во Македонија. Тие доведуваа голем дел од грѓаните во заблуда, свесно и пресметано,  со што им овозможуваа на Груевски и блиските соработници да победуваат на избори и да го направат грабежот на столетието. Притоа и самите дебело се ,,омрсуваа“, дури некои, како Латас, дебело профитираа.
Според тоа, овде не станува збор само дали ќе го прифатиме како нормално понатамошното егзистирање на некои од горе посочените и нивни колеги низ медиумите како ништо да не било, туку дали имаме намера да ги професионализираме и реформираме. Медиумите, се разбира. И како, на кој начин.

А не да се правиме како ништо да не било. Немаме право тоа да го направиме, а и да заборавиме.

(осврт кон дебата на МТВ во која неколку новинари од електронски медиуми му поставуваа прашања на Премиерот Зоран Заев)

Во прилог ви го пренесуваме видеото кое е повод за овој коментар:

АКО.мк