Затворањето на медиуми, новинари, притисоците врз нивната работа, уцените врз нивната егзистенција, наметнатата државна цензура и мешањето на партијата во уредувачката политика на медиумите, доведе Македонија да се најде на днотото на светската скала која ги рангира земјите според слобода на медиумите и новнарството. Според индексот на слободата на медиумите, Македонија во 2010 година се наоѓала на 68-то место, а денеска се наоѓа на 111-та позиција. Во извештаите што ги објавуваа „Репортери без граници“, се вели дека за лошото рангирање на Македонија придонесе затворањето на многу медиуми, користењето на рекламниот простор како алатка за „воспитување“ на медиумите, големиот број судски случаи и смената на уредниците. Дигиталната платформа ,,Ѕуница“, направи интервјуа со неколку новинари кои биле предмет на цензура, притисоци, мобинг, непринципиелни смени, отпуштања од работа, но и кривично гонење и затворање на новинари.

По истражувањето спроведено од страна на агенцијата „МЕТА“ , покрај затворањето на медиумите, се забележуваат и многубројни рокади на новинари. Во високо развиените земји кога новинарите ротираат од еден во друг медиум, тоа значи дека новинарот подобро се „продал“ во другиот медиум. За жал ситуацијата во Македонија не е таква, пишува ,,Ѕуница“.

Во месец јули, 2014 година, по доаѓањето на Атанас Кировски на челната позиција на Телевизија „Телма“, од раководната функција во вестите на телевизијата е сменета и долгогодишната уредничка Емилија Лазаревска, а подоцна во 2016 година, околу десетина медиумски работници беа прогласени за технолошки вишок.

Емилија Лазаревска

Емилија Лазаревска е професионална новинарка која својата кариера ја започнала во далечната 1986 година во Македонската Телевизија, или тогашна Телевизија Скопје. Коавтор е на документарната емисија посветена на жртвите и нивните семејства од двете авионски несреќи во Македонија, а исто така е автор на документарната емисија „Оваа војна не е наша“, посветена на жртвите, македонски војници во безумната граѓанска војна за време на распадот на Југославија. Од 1998 година па се до 2016-та работеше како новинар, уредник и водител во Телевизија Телма. Има добиено повеќе новинарски награди и високи признанија, меѓу кои прва награда за најдобра истражувачка приказна за жртвите на аферата ТАТ. Во 2014 година беше разрешена од уредувачкото место во вестите на Телма од страна на новото раководство на телевизијата, но со одлука на судот повторно беше вратена на истата позиција но само формално-правно. Две години подоцна беше прогласена за технолошки вишок. Основач и сопственик е на порталот Ако.мк.(преземено од Ѕуница)

Моника Талеска

Моника Талеска е професионална новинарка која својата кариера ја започнала во далечната 1996 година. Работела како новинарка, главна уредничка и директорка во поранешниот локален Центар за Печат, Радио и Телевизија Прилеп. Соработувала како дописник со многу печатени и електронски медиуми во одредени периоди од кариерата – „Македонска Радио Телевизија“,„ Дневник“, „Вест“, „Утрински Весник“, „Радио Слободна Европа“, „24Вести“, а најдолга соработка имаше со Телевизија „Телма“. Со доаѓањето на новото раководство во телевизијата, и беше прекинат договорот за соработка, како и на уште неколкумина соработници-дописници, за што реагираше и Самостојниот синдикат на новинари.  Од 2015 година е новинарка и граѓанска активистка на ЦИВИЛ – Центар за слобода. Сосптвеничка и главна уредничка е на магазинот за туризам и бизнис „Патоказ“. Има учествувано во многу проекти и невладини организации и е добитник на повеќе награди и признанија, меѓу кои прва награда за покривање на прашањата поврзани со сиромаштијата од канцеларијата на Обединетите Нации.

 

Моника Јовановска

Моника Јовановска е дипломирана новинарката која прва ја објави веста за смртта на Мартин Нешкоски и беше сведок на громорозниот чин. Континуирано пишуваше за убиството што се случи на градскиот плоштад во Скопје на 5 јуни 2011 година, каде полицискиот тигар Игор Спасов брутално, до смрт го претепа 22 годишниот Нешкоски. Една недела подоцна Јовановска беше отпуштена од работа од новинската агенција Нетпрес. Нејзиниот храбар потег ја предизвика јавноста преку социјалните мрежи да ги организира најголемите непартиски протести кои што некогаш се случиле во историјата на Македонија. Илјадници граѓани излегоа на улиците да ја бараат правдата, а од надлежните побараа оставка. Јовановска претходно има работено како новинарка во Информативната програма на Македонската Радио Телевизија каде го покриваше секторот култура. Минатата година се активираше како граѓанска активистка на ЦИВИЛ во време на изборниот процес, и продолжи соработка со невладиниот сектор како граѓанска новинарка.

 

Останатите новинарски приказни може да ги видите на следниот линк Ѕуница

АКО.мк