Новиот инсинератор во Дрисла ќе согорува медицински отпад и ќе произведува струја

 

,,Сите потребни процедури и документи/дозволи за набавка на нов инсинератор се завршени и согласно склучениот договор се очекува опремата да пристигне до средината на април ,по кој период во рок од 45 дена би се пристапило кон монтажа на истата, а намената на инсинераторот би била освен согорување на медицинскиот отпад и производство на електрична енергија. Се очекува пробната работа да отпочне во текот на месец јуни оваа година. За сите преземени активности редовно ќе биде информиран Државниот Инспекторат за животна средина. Од Комисијата за спогодување при Министерството за животна средина и просторно планирање и правниот субјект Дрисла Инспекторатот беше известен дека согласно санкцијата од Комисијата е постапено, односно казната е платена во рок од 8 дена при што е платено 50% согласно постоечките законски одредби“-информираше В.Д. директорот на Државниот инспекторат за животна средина , Мирослав Богдановски, по вонредниот инспекциски надзор во Дрисла .

Исто така, при инспекциски надзор е утврдено дека се почитува решението на ДИЖС за неработење на инсинераторот за согорување на медицински отпад во денови кога има надминување на прагот на алармирање. Во периодот од 01.01.2018 год. до денот на вонредниот надзор 10.01.2018 год. тој не бил во функција, а примениот медицински отпад се складира во контејнери.

Инспекторатот беше информиран дека согласно задолжението од решението се постапува и во тек е набавка на воден скрубер/филтер за постоечкиот инсинератор и ќе биде инсталиран во периодот кој следи.

Во текот на вонредниот надзор Депонијата Дрисла работеше редовно за прием на комунален отпад од Република Македонија.

Инспекторатот беше известен од страна на менаџментот дека во правниот субјект е извршен надзор од страна на Дирекцијата за радијациона сигурност во однос на јонизирачко зрачење и било констатирано дека нема зголемено ниво на радиоактивност.