Обвинителство ќе истражува дали Груевски и Мијалков переле пари во Србија

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција по допрен глас поведе предистражна постапка заради постоење на индиции за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело од чл.273 од Кривичниот законик.

Предистражната постапка е како резултат на објавените написи од страна на повеќе медиуми во Република Македонија во врска со изјавата на поранешниот српски министер за надворешни работи и претседател на Народната партија во Република Србија, Вук Јеремиќ. Изјавата се однесува на наводно перење пари во Република Србија од страна на високи македонски функционери и нивната поврзаност со физички и правни лица од Србија и Чешка.

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ги презема сите потребни дејствија и координација со  институциите надлежни за откривање на овој вид на кривични дела.

За понатамошниот тек на постапката, јавноста континуирано ќе биде известувана.

Поранешниот српски министер за надворешни работи и лидер на опозициската Народна партија, Вук Јеремиќ неодамна ги повика истражните органи во Србија да ги испитаат врските меѓу поранешната македонска Влада и директорот на фирмата СЦМГ, што ја купи фабриката „14 Октомври“ од Крушевац. 

Јеремиќ во изјава за белградската „ТВ Наша“ наведе дека не се точни тврдењата на владејачката Српската напредна партија (СНС) дека е најден стратешки партнер за „14 Октомври“, што беше во стечај од јануари 2016 година кога компанијата беше проценета на околу 48 милиони евра, туку дека чешката компанија „Чехословак груп“ во октомври годинава преку белградската фирма СЦМГ ја купила само централата на фирмата во Крушевац за четири милиони евра, и тоа со директен договор, без јавна лицитација.

„Само е зграбен имотот, а отпуштените работници не се вратени на работа“ – нагласи Јеремиќ.

Тој посочи дека според српските закони, директните договори за купопродажба се дозволени само во „специјални случаи“, а „специјално во овој случај е тоа што годинава во Македонија е соборен диктаторскиот и длабоко корумпираниот режим на Никола Груевски, политичкиот брат близнак на српскиот претседател Александар Вучиќ“.