ОБСE важен фактор за демократизација на регионот

ЕУ интеграциите се покажаа како поттик за неверојатна ефикасност во одржувањето на напредокот кој беше постигнат во Западен Балкан во изминатите две децении. Ова го заклучи Роберто Батели, потпретседателот на Парламентарното Собрание на ОБСЕ за Југоисточна Европа на денешната 15-та Парламентарна сесија на организацијата што се одржува во Скопје. Батели рече и дека овој регион заслужува да биде охрабрен од меѓународната заедница и од ЕУ затоа што ЕУ-перспективите се уште живи.

„Ако се оценува напредокот на земјава не смее да се заборави дека Македонија помина низ многу кризи како глобалниот економски пад, радикализацијата на младите, прашањето за странските терористички борци но, и бегалската и мигрантската криза. Сепак напредокот за европската перспектива остана одржлив поради единството да се биде дел од големото семејство“, изјави Роберт Батели.

Министерот за надворешни работи Никола Попоски, во своето обраќање рече дека преку реформите на ОБСЕ земјава работи на исполнување на условите за членство во Европската Унија.

„ОБСЕ е присутен во земјата уште од независноста и ни помага во зацврствувањето на нашите демокартски институции, а соработуваме и на многу важни прашања како изборното законодавство, набљудувањето на изборите. Особено е важна улогата на ОДИХР во мониторингот на изборните циклуси, години наназад, но и изборни циклуси што допрва следуваат“, рече Попоски.

Главни теми на овогодишната сесија се мигрантската криза, безбедноста и соработката. Инаку есенската сесија на Парламентарното Собрание на ОБСЕ на која домаќин е Македонија а ќе трае до утре, е до сега најголемиот парламентарен собир во земјава. Учествуваат преку 300 претставници од делегации од повеќе од 50 земји од Европа, Централна Азија и Северна Америка.

Турскиот министер за надворешни работи Мевљут Чавушоглу денеска требаше да учествува на пленарната седница во македонското собрание но се чини во последен момент го откажа доаѓањето во Македонија.