Од први јануари зголемување на акциза за нафта за 3 денари и дизелот за 3,54 денари

од 1 јануари 2018 ќе има зголемување на акцизата за нафта за 3 денари, а се очекува да се соберат 1,6 милијарди денари кај акцизата и 350 милиони денари кај ДДВ-то. При тоа малопродажната цена на дизелот ќе се зголеми за 3,54 денари.

Парите собрани од акцизата ќе се искористат за инвестиции во патната инфраструктура.

Најмногу капитални инвестици ќе има во образованието и во здравството, а е планирано зголемување на платите за 5 проценти во здравството, образованието, градинките и 10 отсто во армијата, како и редовното зголемување на пензиите и надоместоците за социјала.

Планирано е интезивирање на сите активности на патната и железничката инфраструктура, комуналната и енергетската инфраструктура.Ова го објави министерот за финансии, Драган Тевдовски, објавувајќи ги елемнтите на проектираниот буџет за идната година.

Според гувернерот на НБРМ Димитар Богов, нема да има позначително влијание на инфлацијата која според НБРМ ќе изнесува два отсто.

– Имавме информации за промени на акцизата, но во нашата проекција не беше земена предвид бидејќи немавме конкретна бројка. Направивме брза проценка и сметаме дека директниот ефект не е многу голем. Индиректниот во овој момент не можеме да го процениме, затоа што дизелот се користи во добар дел од економијата како инпут. Сепак, остануваме на проекцијата од два процента и сметаме дека нема да има позначително нарушување – истакна Богов.

НБРМ, како што објави денеска, ја проектира инфлацијата на 1,3 проценти во 2017 година и на два процента во 2018 и 2019 година.