Од 15 ноември на врвот на Водно само пешки и без автомобили

Од 15 ноември Град Скопје ќе забрани движење на возила до Средно Водно. Градоначалникот Петре Шилегов најави дека работат ова ќе биде привремена мерка до изработка на сообраќајно решение со кое ќе се реши хаосот со паркирани возила во парк шумата Водно.

„Од 15 ноември ќе биде дозволено автомобили да се качуваат само до делот кај новиот пат кој води кон Сончев Град. За да им овозможиме на граѓаните да стигнат до Средно Водно ќе воведеме повеќе автобуски линии, односно покрај постојната линија која од Транспортен центар вози до Средно Водно, ќе отвориме два нови пункта, едниот кај поранешна „Нова Македонија“, а вториот спроти Цветен пазар“, рече Шилегов.

Во деновите на големо загадување, кои започнаа во Скопје, граѓаните кои се искачуваат на Водно во потрага по чист воздух, со своите автомобили го блокираат патот и пристапот за пешаците.